Дебата за границите меѓу слободата на говор и говорот на омраза, Кино КУЛТУРА, 5.јуни
Говорот на омраза е говор или израз чија намера е да деградира, вознемири или предизвика насилство кон лица врз основа на нивната припадност кон одредена група, како што се етничка припадност, расна припадност, религија, сексуална ориентација, или друга особина. Од друга страна, слободата на говорот е загарантирана во секое демократско општество. Дали законското ограничување и казнување на говорот на омраза ја ограничува слободата на говорот? Дали воопшто можеме да зборуваме за говорот на омраза како слобода на говор? Дали казнувањето на говорот на омраза може да има спротивен ефект, претворајќи ги насилниците во ‘маченици’, или ќе ги обесхрабри во нивните намери? Која е улогата на јавното образование, јавната свест и сензибилизацијата во борбата против говорот на омраза? Како да го ‘хакираме’ говорот на омраза? Какви концептуални стратегии и контра-наративи да употребуваме за ефективна борба против говорот на омраза? Која е одговорноста на јавните личности (интелектуалци, професори, уметници, политичари, новинари…) во сензибилизација на јавноста против говорот на омраза? Овие и многу други прашања ќе се обидеме да ги поставиме и заедно да ги промислиме со учесниците на јавната дебата. Ве очекуваме!
Настанот е дел од проектот „Ремиксувај го говорот на омраза“ подржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија во изведба на АКСИОМА – Асоцијација за културна соработка и истражување – Скопје.