Денови на Шведскиот филм во Кинотека

Сподели

 

Скандинавските филмови предизвикуваат драматични, изненадувачки естетски искуства. Во текстов, фокусот ќе биде на документарните филмови продуцирани во Шведска и нивниот успех, посебно последниве години.
Во оваа земја постои силна традиција на успешни документарци, започнувајќи со Mods Trilogy, документарна трилогија креирана од Стефан Јарл и Јан Троел. Во серијата филмови, тие го прикажуваат животот на младите и бунтовни момчиња од Стокхолм, во втората половина на дваесеттиот век. Последна потврда за квалитетот на шведските документарци е Searching For Sugar Man, шведско-британска копродукција од 2012. Авторот на филмот Malik Bendjellou се закити со Оскар токму за ова остварување. Покрај сево ова, документаристиката секогаш била „сиромашниот братучед“ во развиената филмска индустрија на Шведска.
Со цел да се подржи и развие документаристиката, во Стокхолм се одржува Tempo Documentary Festival, кој ги подржува проектите кои инаку не би биле прикажани во комерцијалните кино сали. Фестивалот има натпреварувачки карактер, доделувајќи награда за најдобар документарец – Tempo Documentary Award, во соработка со Шведскиот филмски институт и градот Стокхолм.
 
Приказнатата за скандалот на неколку видни политичари инволвирани во мрежа на проституција во 70-те години од минатиот век Eat, Sleep, Die or Call Girl, е провокативна документарна сторија која потврдува дека во Шведска нема пардон за аферите на јавните личности, особено тие што се платени од државниот буџет кој го полнат граѓаните, даночни обврзници.
Документарец кој заслужува внимание е и Everyone Is Older Than I Am. На авторот Мартин Видерберг му беа потребни цели четири години да го комплетира проектот. Филмот е поетска презентација на односите меѓу неколку генерации креативци од иста фамилија.
 
Шведските документаристи не само што низ критичка призма го перцепираат сопственото општество, туку ги откриваат и личните судбини на поединци од различни социјални слоеви кои инаку не би биле препознаени од јавноста.
Селекцијата на документарните филмови што ќе имаме привилегија да ја видиме, најдобро го потврдува неоспорниот факт дека новиот шведски документарен филм изобилува со интригантни стории, на оригинален начин пренесени на големото платно. Веруваме дека тоа не само што ќе продолжи, туку ќе се искачи на уште повисоки скалила на квалитетот.
 
Линк до целата програма на Кинотека