Претседателот на Собранието Талат Џафери, испрати новогодишни пакетчиња со книги за дечињата хоспитализирани на Детската клиника во Скопје. До Посебното основно училиште „Иднина“ во Скопје и до Посебното основно училиште „Златан Сремец“, испрати нагледни средства за настава за секое училиште, согласно потребите на учениците и наставниците и соодветните наставни програми.
Со оглед на здравствените протоколи во насока на почитување на мерките за заштита, особено на најмалите, претседателот Џафери не присуствуваше на доделувањето на пакетчињата. Тој испрати честитки и писма за благодарност за вработените во споменатите институции, во кои се заблагодари за работата и делата кои вработените ги реализираат секојдневно, за нивната посветеност во работата и во вонредни услови, истакнувајќи дека среќата треба да се споделува, зашто на тој начин таа расте и обзема.
Вработените на Детската клиника се заблагодарија за постојаната поддршка на претседателот, како и за отвореноста на Собранието кон нивната институција. Директорките на ПОУ „Иднина“ и „Златан Сремец“, искажаа благодарност за подготвеноста на претседателот да излезе во пресрет на потребите на учениците и училиштата и да ја дополни моменталната радост на отворање на пакетче со радоста на нагледните средства кои ќе им бидат од полза цела година.