Заклучоците од првиот Дигитален Самит, што пред еден месец се одржа во Скопје, веќе се дел од агендата на Европската Унија, информираат од министерството за информатичко општество и администрација.
„Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, од самитот на ЕУ и Западен Балкан, информираше дека иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во фокусот на овие мерки е намалување на трошоците за роаминг, подобрување на широкопојасниот интернет, развој на е-Влада како и дигитализација на индустријата“, се вели во соопштението на МИОА.
Од таму додаваат дека МИОА по повод 17 мај, Меѓународниот ден на телекомуникации и информатичко општество, уште еднаш се обврзува на реализација на сите најавени активности во областа на информатичкото општество.
„Во наредниот период ќе ги објавиме националните стратегии за широкопојасен интернет и за сајбер безбедност, а до крајот на годината ќе ја објавиме и долгорочната стратегија за ИКТ“, се додава во соопштението.
Во август, МИОА ќе ги пушти во употреба националниот портал за е-услуги, и новиот портал за отворени податоци.
„Тоа што е од особена важност за сите граѓани е дека конечно услугите ги носиме до нивните домови. Најчесто бараните докуметни, граѓаните ќе можат да ги добија по електронски пат, брзо, едноставно и ефтино. Преку дигитализација и професионализација на администрацијата, конечно граѓаните ќе добијат институции кои се нивен сервис и одговараат на нивните потреби и барања“, велат од МИОА.