Следното рочиште за случајот „Диво Насеље“ ќе се одржи во големата сала на Врховниот суд, откако со одлука на Владата салата му е дадена на времено користење на Кривичниот суд за потребите на ова судење, во кое обвинети се 29 лица за настаните од 9 и 10 мај, минатата година.
„Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги информира претставниците на медиумите како и адвокатите кои се дел од предметот со КОК бр. 127/15 поврзан со настаните во Кумановско Диво Насеље дека со одлука на Влада на Република Македонија, на Кривичниот суд во Скопје му се дава на времено користење недвижен имот односно големата сала која се наоѓа во зградата на Врховниот суд, а истата одлука веќе е објавена во Службен весник на Република Македонија“, стои во соопштението од Кривичниот суд.
Одлуката за изнајмување на салата, како што стои во соопштението, е потпишана од вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на 17 мај.
Процесот за „Диво Насеље“, инаку почна во големата сала на Врховниот суд и во него се одржаа неколку рочишта, по што највискиот суд одлучи сaлата повеќе да не му се отстапува на Кривичниот суд за ова судење за да не се вознемируваат странките и вработените, како и тоа дека големата сала е опремена за свечености, а не за судење.
Рочиштата потоа продолжија во салата 1 во Кривичниот суд, но, таа стана претесна, откако судот го спои предметот „Молња“, во кој 8 лица се обвинети за помагање на кумановската група, со предметот „Диво Насеље“. Поради ова судот ги одложи претгодните две рочишта.
„Со оглед на краткиот период од објавување на оваа одлука, заради формалности односно организирање на просторот и обезбедување на технички услови за судење, главната расправа за предметот поврзан со случувањата во Диво Насеље која беше закажана за 23 мај 2016 година се поместува за 27 мај 2016 година во 10 часот во големата сала на Врховниот суд“, се додава во денешното соопштение од Основниот суд Скопје.
Извор Meta.mk
http://meta.mk/divo-nasele-ke-se-sudi-vo-golemata-sala-na-vrhovniot-sud-reshi-vladata/