Дојран гласаше против отворање рудници

Сподели

94,95 проценти, односно 1.336 граѓани на Општина Дојран кои излегоа на локалниот референдум гласале „против“ продолжување со работа на рудникот „Казандол“, додека второто референдумско прашање – во врска со отворање други рудници на нивна територија – добило четири гласа „против“ повеќе.

Според резултатите објавени од Општинската изборна комисија, на референдумот излегле 1.407 од 2.747 регистрирани гласачи, или 51,22 отсто, со што цензусот бил надминат за само 33 гласа.

1.336 жители, гласале „против“ рудникот „Казандол“, 51 глас бил „за“, додека 20 гласови биле неважечки.

Од ОИК Дојран синоќа потврдија дека гласањето се одвивало во мирна, фер и демократска атмосфера.

„Им честитам на општина Дојран, иницијативата Спас за Дојран и на ОИК Дојран за добро спроведениот референдумски процес. Имаше забелешки на референдумот, како и во другите градови каде имаше референдум, во кои луѓето зборуваа дека одредени политички и финансиски струи се обидувале да влијаат на процесот, односно да го одбранат правото на „Казандол“ и на другите рудници да работат“, изјави синоќа Џабир Дерала од „Цивил“, кои го набљудуваа референдумскиот процес.

Референдумот беше распишан на барање на граѓаните кои стравуваат дека рудникот „Казандол“, но и потенцијалното отворање на рудникот „Башибоз“ на планината Беласица се еколошка закана по земјоделството, туризмот но, и за Дојранското Езеро.

Дојран е трета општина од југоисточна Македонија во која жителите се изјаснуваат против отворање рудници во нивната околина. Претходно успешни референдуми се одржаа и во Гевгелија и Богданци, каде жителите исто така гласаа против.

На 20-ти август референдум ќе се одржи и во Валандово, а потписи за распишување референдум беа собрани и од граѓаните на општините Босилово и Ново Село.