Двајца уапсени по нападот на аеродромот Орли

Сподели

Француската полиција ги уапси таткото и братот на напаѓачот кој денеска беше застрелан на аеродромот Орли во Париз, пренесува Дојче веле.

За мотивот на напаѓачот нема информации. Иследниците се сомневаат дека станува збор за лице кое било во процес на радикализација. Затоа истрагата за нападот, при кој 39-годишниот напаѓач одзеде оружје од војник, а потоа влезе во една од продавниците на аеродромот, по што беше застрелан, ја презедоа обвинители специјализирани за борба против тероризам. Полицијата наведува дека напаѓачот имал криминално досие и бил повеќепати казнуван за вооружен грабеж и трговија со дрога. Во 2015 година имало сомневања и дека се радикализира, но тогаш не е издаден налог за претрес на неговиот стан, се вели од полициски кругови. Таткото и братот на напаѓачот се уапсени, што е вообичаено во вакви случаи.

Пред нападот на аеродромот, напаѓачот околу седум часот изутринава во близина на Париз бил контролиран од страна на полицијата. Тој отворил оган и му нанесол лесни повреди на едниот од полицајците, по што избегал. Потоа во близина на аердоромот Орли украл автомобил, а им се заканувал и на гостите во еден бар.

Инаку, нападот на аердоромот се случи околу 8:30 часот. Аеродромот веднаш беше евакуиран, а летовите пренасочени. Во меѓувреме, повторно е отворен еден терминал на Орли.

Франција во текот на изминатите години повеќепати беше цел на терористички напади. Пред само неколку недели во близина на музејот Лувр во Париз беше убиен човек кој со мачета се нафрли на воена патрола. Војници патролираат на аеродромите, железничките станици и други загрозени места поради опасност од терористички напади. Во Франција е воведена вонредна состојба по нападите во Париз од 13 ноември 2015 година. Тогаш екстремистите на терористичката милиција Исламска држава во повеќе напади убија 130 луѓе. Вонредната состојба беше неколку пати продолжувана и сега трае до 15 јули.

dw.com