Дводневна програма за Суперкупот

Сподели

Град Скопје во соработка со УЕФА, партнерите на УЕФА и ФФМ, подготви дводневна богата музичка програма и активности во „неутрална фан зона“ на плоштад „Македонија“ по повод Суперкупот и дуелот на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8. август на Градскиот стадион.

Неутралната фан зона на 7. и 8. август ќе биде отворена од 11 до 19 часот. На 7 август во 11 часот ќе почне грас-рут турнир помеѓу момчиња кој се организира во склоп на „Трофеј турата“ на Фудбалската федерација на Македонија. Девојчињата кои ќе се натпреваруваат на грас-рут теренот ќе почнат во исто време наредниот ден (8 август).

Сите посетители на неутралната фан зона ќе имаат можност да се фотографираат со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Суперкупот, Лигата на шампионите и Лига Европа, а за анимирање и забавување со фановите ќе се погрижи и маскотата на Суперкуп 2017 Скопје. Дополнителни активности ќе бидат организирани и од главните партнери на УЕФА: Пепси, Хајнекен, Мастеркард и Нисан.

Град Скопје подготви и специјални собирни места (meeting points) за двете групи на навивачи од каде ќе се упатат кон Градскиот стадион во боите на својот омилен клуб. Навивачите на Реал Мадрид ќе се сретнат на плоштадот „Филип Втори“, а навивачите на Манчестер Јунајтед на платото пред Спомен-куќата на „Мајка Тереза“.