DW: Договорот меѓу СДСМ и ДУИ во рацете на уставните експерти

Сподели

Денови Ахмети, идентично како и Заев – дека „во прашање се денови до крајната одлука“. Топката сега е во рацете на експертите, кои треба да најдат уставни решенија за дел од предлозите, пишува Дојче веле.

Од експертите се очекува да најдат уставни решенија за дел од предлозите поврзани со употребата на албанскиот јазик. Доколку успеат во тоа, ќе може да се обезбеди мнозинство за да се добие мандатот за состав на влада. Ова може да се заклучи од епилогот на синоќешната тричасовна средба во Мала Речица, меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Иако во јавноста се создадоа очекувања дека средбата може да заврши со договор за обезбедени потписи за мнозинство, тоа синоќа не се случи. Заев изјави дека „во прашање се денови до крајната одлука“.
„Надминавме одредени разлики. На крајот одлуката ќе биде – или ќе има или ќе нема потписи. Прилично сме со доближени ставови да се изнајде конечно решение за отворените прашања за кои се преговара. Желбата и на ДУИ и на СДСМ е да добиеме уставни решенија за употреба на јазиците. Тоа значи дека не треба да си дозволиме ништо што е надвор од Уставот, па и сето друго што е уставно да падне во вода. Кој има корист од таква работа? Затоа и двете страни во преговорите се држат до Уставот, посебно до амандманот 5 од Уставот, сегашен член 7, кој дава либерална и европска можност да бидат земени предвид сите аспекти и на малцинските заедници во Македонија“, рече Заев.
Да се најдат решенија
По средбата во Мала Речица, Заев најави дека веднаш ќе ја свика работната група за да ѝ ги пренесе сите детали од разговорот. Очекува преговарачите на заеднички средби со уставни експерти да изнајдат решенија. Според него, синоќешната средба се должи токму на фактот што експертите и преговарачките групи почувствувале потреба двајцата лидери да седнат и да отстранат одредени нејаснотии во однос на она што се сака да се постигне со одредени законски решенија.

„Сега ги отстранивме тие нејасноти, за да може да го завршат процесот. Знаејќи го духот на размислувањата на двете партии, се надевам дека експертите ќе можат да ги изнајдат уставните решенија за да имаме едно комплетно решение кое ќе има практична примена и никој нема да ја доведе неговата уставност под знак на дискутабилност“, објасни Заев и потенцираше: „Јас сум тој што ги чека потписите, но и со целиот ризик да не ги добијам – Уставот во Република Македонија нема да се менува!“
По средбата изјава даде и лидерот на ДУИ, кој на новинарско прашање одговори дека со Заев разговарале на македонски јазик.
„Употребата на албанскиот јазик е загарантирана со Уставот. Деновиве ќе го свикаме Централното претседателство за да донесеме важна одлука. На средбата не се разговараше за потписите за состав на нова влада, туку за различните ставови на ДУИ и на СДСМ. Од експертите од двете партии се очекува да најдат заедничко решение. Можам да кажам дека немаме големи разлики со СДСМ околу предлогот за употребата на албанскиот јазик“, изјави Ахмети по средбата со Заев.
Контролно тело
Иако во сенка на разговорите за албанскиот јазик останаа сите други теми кои беа предмет на разговори, Заев вели дека „се апсолвирани голем дел од прашањата“ поврзани со платформата на СДСМ која произлегува од „Планот за живот во Македонија“ и од декларацијата на трите албанските партии: интеграцијата во ЕУ и НАТО, како и за поддршката на СЈО.
Во делот на економската еднаквост на регионите во Македонија, бил договорен начин за рамномерна распределба на капиталните инвестиции и на рамномерна распределба на буџетските средства.
„Ќе има едно контролно тело кое пред носењето на буџетот ќе ги земе предвид сите аспекти на рамномерна распределба на буџетот. Тоа не значи рамномерна распределба помеѓу Скопје и Струга или Скопје и Кичево, туку и помеѓу Скопје и Струмица или Скопје и Кавадарци. Знаете дека многу често распределбата на буџетските средства не беше изедначена до крај, и ние не треба да се плашиме од ваква работа“, вели Заев.
Формирањето на тоа контролно тело треба да го изгласа парламентот на предлог на владата.
„Важно е дека се согласивме за рамномерна распределба на буџетските средства подеднакво на територијата на целата земја, и да дадеме една доза дополнителна за руралните општини. Руралните општини навистина заостануваат во својот развој и немаат свои ресурси. Тука мора да вградиме одредени пондери кои ќе овозможат повеќе пари за руралните општини, за да може да го уедначиме квалитетот на животот на село со животот во градовите. Има огромни миграции од село во град, па дури и од градовите кон главниот град. За да го спречиме овој голем бран на внатрешно мигрирање, мора да продуцираме рамномерен регионален развој во Македонија“, рече лидерот на СДСМ.
Покрај средбата со лидерот на ДУИ, од СДСМ вчера имаа разговори и со Алијансата за Албанците.
„Разговаравме за иднината на Македонија, за принципите на владеење на идната влада, за потребите на граѓаните, за остварувањето на националните интереси на Македонија, за членството во НАТО и ЕУ, економскиот развој и подобрувањето на животот на граѓаните“, рече по средбата Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски. На новинарско прашање тој одговори: „Очекуваме дека наскоро ќе ги добиеме потписите од партнерите за да може да го земеме мандатот за состав на влада“