Аналитичари не веруваат во „миротворните“ пораки на Иванов, ниту во „солзите“ на Груевски во осудата на насилството, бидејќи долго играле со „гневот на народот“. Прогнозираат забрзана политичка изолација на ВМРО-ДПМНЕ, пишува Дојче веле.
Остатоци од употребените шок-бомби, извиткани метални огради, траги од крв на асфалтот и присуство на полицијата, и утрово беа сведоштво за насилството што синоќа го предизвикаа демонстранти кои насилно влегоа вo македонското Собрание, откако парламентарното мнозинство во согласност со изборната волја на граѓаните, Уставот, деловникот и законите, го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери, за претседател на парламентот. Функционери на ЕУ и амбасадата на САД го признаа изборот на новиот претседател на Собранието и најавија соработка со него, а претседателот Ѓорге Иванов кој за денеска ги повика на средба лидерите на парламентарните партии, обвини дека во парламентот „биле прекршени Уставот, законите и деловникот“.
Груевски го обвини СДСМ
Со идентичен став се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој по неговото враќање од Виена околу полноќ одржа итен состанок на Извршниот Комитет на партијата, а потоа и прес-конференција. Тој го осуди насилството, ги повика институциите да спроведат ефикасна истрага и да ги изведат пред суд оние кои им нанеле повреди на пратениците, граѓаните и полицајците.
„Никогаш во животот не сум помислил ниту на власт да дојдам, ниту да останам со насилства и со физички повреди на други лица, ниту пак подржувам други да го прават тоа“, рече Груевски.
На повредените пратеници, граѓани и полицајци им посака брзо закрепнување. Ги поздрави напорите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои им помогнале на физички нападнатите пратеници, напорите на полицијата, на лекарските екипи, но и на голем број странски политичари кои телефонски му испратиле пораки за смирување на состојбата. Потоа „го осуди начинот на кој СДСМ и другите партии се обиделе да изберат претседател на парламентот“.
„Начинот на кој се обидоа да изберат претседател на Собранието е целосно незаконски, противуставен и надвор од правилата на деловникот за работа на Парламентот. Тие свесно одлучија да ги прекршат, со што најдиректно ги предизвикаа настаните и сносат одговорност за тоа. Слушнав дека вечерва славеле со музика во штабот на СДСМ, со што само уште еднаш ја докажаа својата незрелост и антидржвничко однесување. Овој ден во Македонија не е ден за славење. Нивниот однос и постапки ја ставија Македонија на голем срам и презир пред меѓународната јавност и директно го загрозија уставниот поредок на државата. Алчноста за доаѓање на власт по секоја цена, дури и со прифаќање на антидржавни платформи креирани во друга држава, подготвеноста да ги стават на коцка државните интереси заради гола власт и бегањето од избори, е директна причина заради која дојде до оваа несакана ситуација“, обвини Груевски.
Потенцираше дека во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите следни чекори, нагласувајќи дека партијата била и ќе остане на страната на народот, и повика да биде прифатена иницијативата на Иванов за лидерска средба.
„Се друго води кон хаос и штета на државата. Потсетувам дека во повеќе наврати говорев за можните ризици со ваквиот однос на СДСМ и нивните партнери. Ги повикувам граѓаните да не подлегнуваат на провокациите на СДСМ. Правото да се протестира е загарантирано, но очигледно некој сакаше да предизвика хаос и за тоа да го обвини ВМРО-ДПМНЕ, а штетата врз Македонија да ја претвори во своја партиска и политичка добивка (…) Оние кои го правеле сценариото, очигледно посакувале да има насилство со цел тоа да го стави во сенка незаконското бирање на претседател на парламентот и никој да не говори за тоа, туку за насилствата направени од поединци“, рече Груевски.
Долго подготвуван линч
Аналитичари не им веруваат на „солзите“ на Груевски во осудата кон синоќешното насилство.
„Со денови Груевски и Иванов ги подготвуваа своите паравоени и параполициски орди да го одглумат ‘гневот на народот’ во случај парламентарното мнозинство да ја прекине нивната блокада на Собранието“, вели професорот Ѓорги Спасов.
„По овој нов ‘црн понеделник’, Македонија влегува во нова фаза, во која, ако не бидат итно идентификувани, уапсени и осудени насилниците, таа ќе исчезне како држава. Полициските единици на Чавков, кои не дозволуваа никој да и се приближи на ‘белата палата’ на Груевски за време на многу помасовни протести од овие, синоќа не беше само нем набљудувач на насилството, туку и активен учесник во овозможување на хоророт. Гледавме како не направија обид да го спречат влегувањето на толпата во Собранието и како пријателски разговараат со лицата во црни фантомки. Видовме како еден стар дивјак ја влече пратеничата Шеќеринска и ја фрла на под, но не и полиција да го апси. Се личеше на добро организиран линч од страна на Груевски и Иванов, подготвен според моделот кој го слушавме во ‘бомбите’ кога Груевски ја изгубил власта во општина Центар: ‘Кажи му утре на Суле да собери две-три илјади луѓе и да маваме. Да изеде тој едно два три јаки шамари’. Груевски и Иванов се поттикнувачи и подбуцнувачи на сето насилство што го видовме“, дециден е Спасов.
Неизвесно е дали денеска ќе има лидерска средба, од две причини: прво, двајца од партиските лидери – Зоран Заев и Зијадин Села синоќа беа повредени, и второ, прашање е дали лидерите од парламентарното мнозинство имаат какви било очекувања од Иванов, кој откако реши да не го даде мандатот за влада ја втурна земјата и во институционална криза.
„Наместо барем малку да се згрози од раскрвавените лица на пратениците и од дивајаштвото на толпата, Иванов во своето обраќање, како сите да се еднакво виновни, повика на ‘смирување и ненасилство’ и побрза веднаш да каже дека ‘Уставот, законите и деловникот биле прекршени’. И наместо да се засрами што тој лично ги блокира институциите и веќе со месеци поттикнува на омраза и насилство, сега во улога на некоков миротворец, ги повика лидерите на партиите ‘да се нацртаат’ кај него. Но, тоа беше и најмалата глупост што многумина ја очекуваа од него, бидејќи многумина веруваа дека ќе прогласи воена состојба, откако со Груевски обезбедија Собранието да биде окупирано преку паравоени и параполициски сили“, вели Спасов.
Поразени од насилството
МВР синоќа соопшти дека до 23.30 часот во Градската општа болница „8-ми септември“, Градската болница „Св Климент Охридски“ и во Клиничкиот Центар лекарска помош побарале 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници. Дополнително во касарната Ѓорче Петров лекарска помош им била укажана уште на седум лица.
„Избувнувањето на насилство е поразителен развој на настаните во секоја смисла“, вели аналитичарот Петар Арсовски.
„Тоа е пораз за демократскиот развој, за еманципацијата на државата, секако е пораз и за полицијата која беше еклатантно отсутна додека се тепаа пратеници. Претпоставувам, хермелините ги чуваат за студенти… Сепак, во ова време на интернет се е документирано. На крајот, мислам дека ова е пораз и за ВМРО-ДПМНЕ, зашто тоа ја носи во една забрзана постапка на демисија. Ова насилство ја забрзува политичката изолација на ВМРО-ДПМНЕ и на крајот ги претставува како терористи и вандали кои тешко ќе најдат партнер за себе и кај домашните и кај меѓународните играчи. Мислам дека тоа го разбраа и во таа насока ги толкувам смирувачките изјави и на Груевски и на Иванов. Ваквите инсценирани инциденти не можат да го сменат глобалниот правец на развој на ситуацијата кој не е поволен за ВМРО-ДПМНЕ, а со насилство само ќе го забрзаат“, оценува Арсовски.
Денеска се очекува Министерството за внатрешни работи да преспита зошто полицијата не успеа да го спречи насилството, односно зошто дозволи во неколку наврати поголеми групи демонстранти да влезат во парламентот. Хелсиншкиот комитет вчера го повика Секторот за внатрешна контрола при МВР и Јавното обвинителство да спроведат итна истрага за утврдување на одговорност кај сите инволвирани во синоќешните насилства.