Политичките лидери да постапуваат согласно интересот на земјата, а не само во интерес на нивната партија, порачува генералниот секретар на ОБСЕ, Заниер. Дали Никола Поповски лобира во Брисел за партиски цели и интереси?
Продолжуваат дипломатските напори со цел Македонија да ја надмине постизборната криза и да се деблокираат демократските процеси за формирање влада. Нов импулс во таа насока се очекува да даде Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер (насловна фотографија), кој е во посета на Македонија и треба да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со претставници на парламентарните партии.
„Загрижен сум поради развојот на настаните во Скопје. Владеењето на правото мора да надвладее. Резултатите од декемвриските избори се цврста основа за формирање влада што ќе ги застапува интересите на сите граѓани“, напиша Заниер минатата недела на Твитер, откако претседателот Ѓорге Иванов не го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Во интерес на земјата, а не на партијата
Во пресрет на денешните разговори Заниер во колумна во „Утрински весник“ ја оцени продолжената политичка криза како штетна за земјата и народот.
„Се враќам во Скопје со една порака – напредокот постигнат во 2016 година ќе биде загрозен без политичка стабилност(…) Предвремените избори се сметаа како можност да се сврти страницата и да се продолжи понатаму. Тоа сѐ уште не се случило. Меѓутоа, постизборниот период се покажа проблематичен, означен со новa политичка безизлезност, по одлуката на претседателот Иванов да не го даде мандатот за формирање влада на опозицијата, иако таа имаше обезбедено мнозинство во Собранието“, пишува Заниер.
Смета дека е време политичките лидери да покажат дека постапуваат согласно долгорочниот интерес на земјата, а не само во интерес на нивната партија.
„Почитувањето на фундаменталните правила на демократијата, вклучително и владеењето на мнозинството согласно правната рамка, е она што луѓето го очекуваат откако ќе го дадат својот глас. Различни земји во регионот на ОБСЕ имаат различни практики и различни модели на владеење, но општото правило кое што се применува насекаде во просторот на ОБСЕ е дека кога една политичка партија или коалиција има мнозинство на пратеници во собранието, таа ги презема обврските на владата. Неодамнешните провокативни пораки на некои политички субјекти, тврдењата дека унитарноста и суверенитетот на државата се загрозени и етничките инциденти и слогани се загрижувачки“, оценува Генералниот секретар на ОБСЕ.
Тој потсетува дека меѓународната заедница играла клучна улога во повторното воспоставување на стабилноста и безбедноста во земјата и во 2001 година, а ОБСЕ е посветена на имплементирање на Охридскиот договор за подобрување на правата на заедниците, паралелно со одржувањето на унитарноста на државата.
„Добро познатиот прв висок комесар, Макс ван дер Штул, забележа дека интегрирањето на разноликоста и градењето плурални општества бара свесност дека ‘интересите на мнозинството и малцинството не се исклучуваат меѓусебно’ и дека ‘заштитата и промовирањето на еден идентитет не мора да се случува на штета на (идентитетот) на другиот’. Живеете во регион кој е богат со разноликост. Високиот комесар на ОБСЕ еднаш го поздрави локалното население, од сите етникуми, за извонредната единственост која истото го покажа во различни ситуации. Не заборавајте ја важноста и моќта на таквото единство. Тоа треба да биде инспирација за понатамошен развој“, порача генералниот секретар на ОБСЕ.
Поповски лобира за широка коалиција?
Но, дипломатските пораки и активности не се еднонасочни, само кон Скопје (од официјален Брисел, Берлин, Вашнингтон…) туку и од Скопје кон нив. По писмото што претседателот Иванов го испрати до членовите и претседателот на Европскиот совет, до Генералниот секретар на НАТО и до претседателите на САД и Турција, наводно се активирала и партиската дипломатија на ВМРО-ДПМНЕ. Како што изјави вчера заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на сите во Македонија и во меѓународната заедница им е јасно дека однесувањето и на власта во заминување, па и на претседателот Иванов, нема никаква врска ни со државните интереси, ни со заштитата на Македонија.
„Последната потврда за сево ова доаѓа од Брисел каде што последните два дена престојуваше пратеникот кој во исто време е и министер на надворешни работи, Никола Поповски и кој според потврдени веќе информации единственото што го правел е да зборува за неопходноста ВМРО-ДПМНЕ да остане на власт или во власта во Република Македонија“, рече Шекеринска.
Таа потенцираше дека единствената цел е да се останат на власт и го задржат криминално стекнатиот имот оние кои ја довеле Македонија во длабока криза.
„Тоа се истите луѓе кои само пред два месеци со проглас ја повикаа меѓународната заедница да престане да се меша во македонските работи. Истите тие овие денови разговараат со претставниците на сите европски институции во Брисел, за да бараат по секоја цена да останат барем дел од власта. Истите кои тврдат дека меѓународната заедница не треба да се меша во работите на Република Македонија, според проценките, веќе платија 1,6 милиони евра на лобисти за да влијаат во Вашингтон“, изјави заменик-претседателката на СДСМ .
Пресврт во ставот на ВМРО-ДПМНЕ
Од ВМРО-ДПМНЕ не одговараат на прашањето со каква цел Поповски бил во Брисел, со образложение дека одговорот е содржан во нивното партиско соопштение.
текстот во целост прочитајте го тука