Договорот од Преспа заслужува Нобелoва награда, бидејќи создаде нов модел за решавање на меѓународни спорови поврзани со идентитетските прашања, вели политичкиот аналитичар и поранешниот член на Меѓународната кризна група, Едвард Џозеф во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Повторувајќи го и објаснувајќи го неговиот став зошто во неговиот текст објвен во „Фореин полиси” во јуни годинава напиша дека договорот меѓу Македонија и Грција, но и премиерите на двете земји заслужуваат да бидат кандидати за Нобеловата награда, Џозеф кој е професор на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, истакнува дека не станува збор за смешно прашање како што некои го карактеризираа, туку дека е „потребен кураж за да се направи компромис”.
– Вистинската причина поради која овој договор заслужува Нобелова награда не е само затоа што конечно решава еден проблем, туку веројатно бидејќи создава нов модел за решавање на меѓународните спорови кои се поврзани со идентитетски прашања. Помислете на пример на спорот меѓу Израел и Палестина што се однесува на идентитетот на Ерусалим. Пристапот усвоен во Договорот од Преспа создава меѓународен модел што заслужува комлетно да се земе предвид за Нобелова награда, вели Џозеф.
Тој во интервјуто за АНА-МПА објаснува дека карактеристиката на владите одиграла важна улога, бидејќи и во двете земји, во ист период, имало лидери со политичка смелост да ги отворат прашањата, а не само да разговараат, но и да влезат во суштината и покажале желба за конечен, а не привремен договор.
Во однос на реакциите и во двете земји, Џозеф вели дека фактот што критиките се исти и од две страни, „јасно покажува дека постои праведен компромис”.
– Оној што е резервиран треба да го прочита самиот договор и да утврди дека се направени напори да се одржи почитувањето на историскиот приказ на секоја земја. И така имаме едно прашање кое всушност, остана отворено за речиси 100 години бидејќи коренот е уште од времето на Балканските војни, да се затвори еднаш и засекогаш, објаснува професорот во интервјуто.
Тој додава дека договорот му служи на стратешкиот интерес на Грција и помага земјата да добие улога на регионална сила.