Фирмата „Еко центар 97“ е казнета со 3.000 евра за случајот со излевање на отпадна течност, односно вода помешана со метил акрилат мономер, во кругот на некогашната хемиска фабрика ОХИС, информирааат од Државниот инспекторат за животна средина, но ако ја плати казната во рок од осум дена со платен налог, таа ќе и биде намалена на 1.500 евра.
„Казната за овој прекршок се утврдува по член 139 ст1 т 3 а во врска со член 24 од законот за управување со отпад и на нејзината висина влијае тоа во кој рок субјектот ќе ја плати казната, како и колкав број на вработени има фирмата и каков е нејзиниот финансов извештај“, вели Пејо Кировски, надлежен инспектор од Државниот инспекторат.
Инцидентот со излевањето на опасна материја во кругот на ОХИС, се случи пред еден месец кога фирмата која го добила тендерот за чистење на хемикалиите во април минатата година, вршела препакување н опасната хемикалија од цистерн во буриња за да ги подготви за транспорт заа уништување во Швајцарија.
Од Државниот инспекторат уверуват дека, според првичните резултати од АРМ, кој земал примероци на лице место, како и од Штипскиот универзитет, немало загадување на почвата и животната средина.
Казната за „Еко центар 97“ е една од неколкуте поголеми казни за загадувачите кои беа изречени изминативе три месеци. Епилогот на загадувањето на Вардар од некогашен „Арчелор Митал“, сега „Либерти Хаус Груп“ е 100 илјади евра казна за истекување на отпадните води со метал и киселина во реката, со тоа што на загадувачот му е дозволено казната да ја плаѓа на рати во наредните шест месеци, додека пак за инцидентот предизвикан од фабриката „Благој Ѓорев“, на овој субјект му е изречена казна во висина од 50.000 евра.