Државното акционерско друштво Електрани на Северна Македонија преку „ЕСМ производство на топлина“ ја доби лиценцата од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за производство на топлинска енергија во наредните 10 години, информираа денеска од РКЕВУ.
„Одлуката следува откако компанијата поднесе барање и ги достави соодветните документи согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, со што утврдивме дека условите се исполнети за да се стекне со лиценца за регулирано производство на топлинска енергија. РКЕ минатата година издаде три лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на три компании на ЕСМ, но оваа лиценца за производство со топлинска енергија, беше издадена во ограничен временски период што беше врзан со грејната сезона поради роковите во кои е склучен договорот за основните средства со Адора инженеринг“, стои во соопштението од РКЕВУ.
Ваквата одлука на РКЕВУ следи откако во 2022 година БЕГ достави известување со кое ги врати лиценците за трите дејности а како клучни причини ги наведе: кредитна неспособност, нарушена ликвидност, правна несигурност во работењето поради многубројни судски постапки иницирани против БЕГ, оспорување на законитоста на лиценцата за регулирано производство на топлинска енергија од правни лица и институции, како и оспорување на валидноста на договорот за закуп на основни средства.
Регулаторната комисија тогаш донесе одлука за престанок на важење на лиценците на БЕГ. Потоа, Владата распиша оглас за извршување на јавна дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, а РКЕВУ во соодветна постапка додели лиценци на трите фирми на ЕСМ со што практично ЕСМ го презеде работењето со топлинска енергија и се обезбедија услови за непречено одвивање на грејната сезона.
Заради долгорочно обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија, носителот на лиценцата е должен да врши изградба на нови производни капацитети во согласност со стратешките определби за развој на енергетиката на Република Македонија. Носителот на лиценцата е должен секоја година, најдоцна до 10 март, до Регулаторната комисија за енергетика да поднесе План за одржување на постојни и изградба на нови производни капацитети за период од пет години, годишна програма за реализација на планот, како и мислење по планот од операторот на електроенергетскиот систем.