Западниот Балкан пак е покриен со опасни црни облаци, и тоа не само поради временски бури туку и поради силни ветришта кои дуваат од сите страни, менувајќи ги политичките патокази. Регионов е уморен од трнливата транзиција, која од репресија го доведе до депресија (економска и политичка), и во голема мера е препуштен на самиот себе. Економскиот раст е бавен, сиромаштијата масовно исселува, криминалот цвета, стандардот паѓа. Јавноста е фрустрирана и поради големиот екзодус и чувство на неизвесност. Се смета дека последниве 25 години, околу една третина од луѓето родени во БиХ, Албанија, Србија и Северна Македонија ги имаат напуштено своите домови во потрага по нормалност. И затоа во регионот се повеќе масовни протести од кои сериозно се загрозува мирот и кревката мултиетничка толеранција.
Регионот врие од тензии: Србија – Косово, иницијативи во Санџак и Војводина, затегнатост меѓу Србија и Црна Гора, кризата во Албанија, проблеми во БиХ, тензично во Северна Македонија. А Брисел се прави дека не е од тука! По ладниот туш за Скопје, изгледите за договор меѓу Србија и Косово се сѐ послаби. Се очекува во октовмри РСМ да добие датум за преговори, но не толку поради трауматичните промени што се случија во државава и вкупната состојба во Западниот Балкан, колку што поради зачувување на личниот образ на европските лидери. Србија, со рускиот центар во Ниш, со екстравагантниот дочек на Путин, и со „Спутник“, како да праќа порака до ЕУ – „Ако не сакате вие, има кој сака“. Од друга стана Косоварите беа грубо излажани од Брисел за визите иако го ратфикуваа договорот за демаркација со Црна Гора. Опасна состојба имаме и меѓу Србија и Црна Гора, наводно поради намерата на Подгорица да ги присвои црквите и манастирите на Српската православна црква. Бензин во огин фрли изјавата на српскиот министер Ненад Поповиќ, кој Ѓукановиќ го нарекол “најголем криминалец во Европа“. Жестоко возврати Подгорица, нарекувајќи ја СПЦ за „политичка организација и инфраструктура на голема Србија“.
А Брисел како да е загубен во времето и просторот! ЕУ со својот ригиден став кон Балканот ги отвори вратите за Русија, Турција и Кина, кои успешно ја пополнуваат празнината создадена од европска празнина. Путин веќе на голема врата и со нова стратегија влегува на посредничка улога во регионот. Сега не се претставува како заштитник на српскиот, а противник на албанскиот фактор, туку како српско-албански помирувач. Се сретнал и со косовскиот претседател Хашим Тачи, а овој (според “Рија новости”), го поканил Путин да ја посети Приштина. Русија, тука може да ја вклучи и Турција за полесно санирање на односите во БиХ. А во Албанија едни субјекти веќе јавно велат дека немаат ништо против инволвирањето на Русија во Балканот. Добрите познавачи велат дека тоа не може да е без согласност на САД. Напротив, сега Балканот се претвора во шаховска табла за американско-руска голема игра, а ЕУ самата си одлучи да се скрива под масата. Или да си носи вода.
Европско-руско конфронтирање во Балканот сега се менува и по карактер и по интензитет. Тука европејците се во тотална конфузија, егоизам и дефанзива. Многумина се чуствуваат изневерени и запоставени од ЕУ. На прв поглед, руските амбиции делуваат нереално, оти, регионот останува цврсто поврзан за Западот – Грција, Бугарија, Романија, Хрватска, Албанија и Црна Гора се членки на НАТО, а Северна Македонија за неколку месеци станува тоа. Државите од регионот или се членки на ЕУ или се во процес, но ЕУ со својата бирократкска инертност и тесно-политичка пристапност, како да отстапува не само од проширувањето, туку и од геополитичка и безбедносна елементарност врз регионот и пошироко. Во ЕУ веќе не се срамaт да нудат алтернатива за полноправното членство! Изгледа на европејците веќе им здодеал мирниот живот, па бараат силна бура! Според изјавата на шефот на Центарот за либерални стратегии во Софија, Иван Крастев, даден за „Њујорк тајмс“ – „Европа не треба да биде изненадена ако Русија наскоро создаде своја „мапа“ за нормализирање на српско-албанските односи и за влијание во регионот“. Јасно е дека посетата на Путин во Белград не била само пради орденот „Александар Невски“ и кучето „Паша“.
ЕУ ја губи битката
Наспроти приматот кон заедничите интереси што подолго време се третирале во внатрешноста на ЕУ, сега расте егоизмот на региналните влади, а тоа иднината на ЕУ ја прави неизвесна. Францускиот претседател Макрон јасно стави до знаење дека нема да го потрошат политичкиот капитал за интеграцијата на Западениот Балкан. Европските бирократи тешко сфаќаат дека на Балканот му треба стабилност, развој и рамнотежа, меѓу другото и поради ЕУ. Поинаку, на Балканот ќе му се случи опасна дестабилизација и ориентална доминација. Европејците стана алергични на вакви констатации. Инфантилно изгледат изјавите на европски водачи од типот – „Стабилизирајте се вие самите оти е гупаво да барате од нас да ве интегрираме за да не си се дестабилизирате“! Европскиот егоистички политички чамец е толку накривен што наскоро може и да се преврти. „New York Times“ деновиве излезе со наслов: „Ако ЕУ не се пробуди, регионот ќе постане ново путиново игралиште“. Влијателниот „The German Marshall Fund – Strengthening Transatlantic Coperation“ (јуни, 2019), вели дека додека ЕУ, посебно Германија се противи на размената на територии во Балканот, Русија веќе прагматично и тајно преговара. За руски амбасадор во Белград сега е поставен човекот кој извршувал најтешки дипломатски задачи Александар Харченко. Тука е силниот „Спутник“ кого го пренесуваат голем број медиуми во регионот (Информер, Блиц, Б92, Курир, бројни телевизии итн), кои го подготвуваат јавното мнание.
Каде е С. Македонија?
Северна Македонија наскоро станува полноправна членка на НАТО. Тоа е историски чекор за надворешната (па и внатрешната) стабилност на земјата. Преспанскиот договор и договорот со Бугарија буквално значаат покренување рампа кон иднината, ама тие сеуште се проблематизираат од опозицијата и разни здруженија, работа која може да и даде силно оружје на наредната есенска грчка влада на чело со Мицотакис за да не гранатира. Тогаш може да се проблематизира и нашата одлука за преговори, а со тоа и нашата внатрешна стабилност. Тука НАТО не може да помогне многу. Само широката поддршка на тие акти и сериозниот рамномерен економски развој може да не спасат. А за тоа треба голема мобилизација, компетентни луѓе и силна медиумска поддршка. Борбата против организираниот криминал и корупција мора да се засили, а зад неа треба да стојат кредибилни луѓе. Поинаку, лесно може да се случи на неколку чекори пред целта трагично да паднеме. Сета таа потрошена енергија да падне во вода. Тогаш „Спутник“ ќе стане најверодостоен, најкредибилен и најпривлечен медуим. Ако не метеме добро, другите ќе не изметат. Без тоа, тука пак ќе создадеме амбиент за тие кои националистичката омраза ја сметат за најголема вредност. Вистина е дека не е толку лесно да се биде господар на идеалот и слуга на совеста.