Од денеска престанува производството во последната работна единица „Конфекција“ од поранешниот текстилен гигант „Тетекс“. Последните 140 работници во „Конфекција“ ќе бидат регистрирани во Агенцијата за вработување како невработени.
-Предвидени се седум лични доходи за оние работници кои имаат над 25 години работен стаж, а останатите соодветено на должината на стажот. Оние кои се пред пензија ќе бидат 18 месеци под Заводот за вработување, а другите ќе бидат до една година – вели Љупчо Радовски од синдикатот.
Раководството на компанијата тврди дека биле приморани да ја затворат фабриката, која последните години се занимавала со примарно прозводство за странски фирми.
Комбинатот „Тетекс“ почна со работа во 1951 година, а во 1986 година бележи најголема вработеност од 8.800 работници. Комбинатот се состоеше од фабрики во кои се спроведува цел процес на изработка-предиво и волница.