Фондот за иновации и технолошки развој објави јавен повик за Технолошки развој за брзо прилагодување на КОВИД-19, наменета за микро, мали и средни компании од Северна Македонија со потенцијал за успешно работење. Со објавувањето на јавниот повик започнува практичната реализација на третиот сет мерки за поддршка на економијата на Владата, усвоени неодамна.
„Со овој, развоен пристап кон економијата, нудиме квалитет повеќе во напорите за зачувување на работните места, но и нивно зголемување во следниот период. Воведуваме иновативен механизам на финансирање, преку доделување на средства на конкурентна основа, со однапред познати критериуми, и поврат од остварените финансиски резултати, но не по цена на опстанок на компаниите и работните места. Ние сме развоен партнер на компаниите и работниците“ изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.
Иницијалниот буџет на јавниот повикот е 200 милиони денари. Финансиската поддршка е структурирана по големина на компанијата и тоа до 750.000 илјади денари за микро, 1.5 милиони денари за мали и до 3 милиони денари за компании со средна големина и не може да надмине 70% од вкупниот буџет на инвестицијата. Останатите 30% се средства кои ги обезбедуваат самите компании. Средствата може да се наменат за инвестиции во дигитализација и ИТ системи, реорганизација на работата, унапредување на производите и услугите, набавка на опрема, како и заштитни мерки за работниците. Со мерката се опфатени компании што во последните две години од работењето немаат регистрирано загуба, освен старт-ап компании до три години постоење, кои се изземени од овој услов. Оваа развојна мерка е подготвена во соработка со Светската банка.
Новина во повикот се и критериумите за оценување, во делот на поттикнување на учество на компании со жени во управувачката односно сопственичката структура. Исто така, посебен систем за бодување е предвиден за компании што доаѓаат од помалку развиените плански региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата.
„Пред една недела, од истата оваа говорница реков дека нашата цел не е постојано да зборуваме за предизвици, туку и да нудиме решенија. Денес сакам да ги охрабрам сите компании од останатите региони, не само од Скопје да се охрабрат и да вложат во развојни проекти. Нивниот напор ќе биде посебно вреднуван при оценувањето. Исто така, реков дека лично верувам дека жените се похрабри во преземање ризици и се одлични менаџери поради што во новиот јавен повик имаме посебно бодување за компании раководени од жени“ рече Деспотовски.
Рокот за аплицирање е скратен и прилагоден на целта на мерката – брза поддршка за брз раст. Аплицирањето ќе трае до 29 јуни, а Фондот ќе ги обезбеди сите потребни документи за апликантите поврзани со институции до кои има пристап (нa пр. Централен регистар).
Проектите ќе бидат оценувани во фаза на претселекција од стручни лица, домашни експерти, а конечната одлука ја носи Комитетот за одобрување на инвестиции составен од петмина странски експерти. Користењето на средствата од Фондот, како и досега, ќе биде предмет на следење од страна на реномирани странски ревизорски куќи, ангажирани од страна на Фондот.
Во следниот период предвидени се и други активности на Фондот за поттикнување на економското заздравување на државата, преку вложување во развојни проекти.
Целиот текст на повикот е достапен на www.fitr.mk