Фоторепортерот на „Ројтерс“ Даниш Сидики загина оставен од авганистанските војници

Сподели

 

Неполн месец потрајала најновата задача на Даниш Сидики, фоторепортер на „Ројтерс“ – од моментот кога се пријавил да ги покрива борбите на авганистанските безбедносни сили со Талибанците кои полека освојуваа територии во Авганистан во јуни, до средината на јули – кога Сидики загинува од куршумите на Талибанците со уште двајца авганистански војници. И Сидики и војниците биле оставени назад од другите во местото Спин Болдак, пишува „Ројтерс“.

Сидики (38), вработен во бирото на Ројтерс во Њу Делхи, во јуни, при напредувањето на талибанските борци во офанзивата за освојување на целата земја, доброволно заминал во Авганистан на 11 јули. Бил приклучен на единица на елитни специјалци.

На 13 јули додека бил во конвој што се враќал од успешно спасување полицаец кој бил заобиколен од бунтовници, Сидики преживеал напад со ракета на „хамерот“ во којшто се превезувал, а тоа и го снимил. Само три дена подоцна, и тој и двајца авганистански командоси ги загубиле животите во талибански напад, при обид за освојување на пограничното село Спин Болдак.

Сидики прво бил ранет од шрапнел од ракета, па евакуиран во џамија, за да го преврзат. Но, за жал, во конфузијата на повлекувањето од местото, тој бил оставен со уште двајца војници, подоцна станувајќи жртва на Талибанците. Според еден генерал на авганистанската армија, војниците помислиле дека тројцата веќе се влезени во некое од возилата во конвојот што требало да ги изнесе војниците од местото. Според припадници на авганистанските безбедносни сили и претставници на власта во Индија, телото на Сидики било унаказено по неговата смрт. Талибанците го отфрлаат тоа.

Со тоа, Даниш Сидики стана 35-от новинар што го загубил животот во Авганистан од 2010 до почетокот на август, пишува „Ројтерс“.

мета.мк