ФРОДЕМ: Македонија жртва на партизирано, диригирано и корумпирано судство

Сподели

„Препораките од извештајот на „Прибе“ се јасни. Потребнаа е правосудна и безбедносна реформа и оставки на досегашните партиски послушници и егзекутори. Во оваа смисла, ФРОДЕМ го повикува Зврлевски да не чека и тактизира, туку веднаш да поднесе оставка. Секоја секунда останување на функцијата значи тешко влошување на неговата положба. Истовремено, веднаш бараме оставки од партизираните членови на Советот на јавни обвинители и од Судскиот совет, и од директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.

Македонија во режимските години беше жртва на партизирано, диригирано и корумпирано судство. Марионетите во правосудството треба веднаш да поднесат оставки. ФРОДЕМ не го осудува целото правосудство. Напротив, ФРОДЕМ смета дека има доволно чесни професионалци, вистински правници кои правосудството треба да го преземат во свои раце. Нацијата е жедна за фер судство, за правда, за неселективност и чесни јуристи.

Секое одлагање на оставките значи опструкција на правдата на која чекаат огромен број граѓани. ФРОДЕМ, во овој момент, не сака да потсетува на тешките последици на огромниот број монтирани партиско-полициски случаи и со тоа да го предизвикува гневот на малтретираните и обесправените.

Не сака да потсетува како е во 5 часот рано наутро, цели ескадрони специјалци да влегуваат по домови и да плашат деца и жени. Не сака да потсетува на идиотските, лекомислени проценки на криминалната партиска врхушка дека божем со овие монтирани акции ќе ја дефокусираат јавноста од својот тежок криминал. Не сака да потсетува на лакомите награди на „џандарите“ и другите кои лапаа пари за монтираните случаи. Не сака да потсетува на поедини адвокати кои начекуваа семејства во неволја за да им ги земат парите и да им дадат лажни надежи.

На злосторниците треба да им е јасно дека секој ден одлагање на оставките и реформата на правосудството, значи ден поблиску до истоветно постапување и кон секој еден од нив. Смешно е самозалажувањето дека божемното меѓусебно држење ќе го одложи соочувањето со правдата. Напротив, тоа ќе биде тешка, отежнувачка квалификаторна околност.

Стара народна поговорка е дека „кој што дробел, тоа ќе срка“. Стар христијански завет е дека не треба да им го правиме на другите тоа што не сакаме нам да ни го прават. Затоа, веднаш поднесете оставки!“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.