“Нема да има селективност кон никого, па ниту кон угостителскиот еснаф” – најави градоначалникот Константин Георгиески.
Одговарајќи на новинарски прашања при денешната обиколка на улицата „Асном“ каде денеска започнаа градежни работи за реконструкција, Георгиески во врска со барањето на Здружението на угостители „Охридски Еснаф“ кое ексклузивно го објави OhridNews, да не се уриваат платформите во стариот дел на градот, порача дека отстапки нема да има кон никого и дека под инспекциска лупа ќе бидат ставени целокупните угостителски објекти и нивните тераси.
“Ние извршивме инспекциски надзор на платформите Им порачувам на угостителите од утре да ги чекаат инспекторите со налог за инспекциски надзор и за објектите и за терасите кои што таму се поставени. Сега ќе добијат решенија за отстранување не само за платформите туку и за објектите и за терасите“ – изјави Георгиески. Тоа ќе важи не само за угостителските објекти во стариот дел на Охрид, туку и на плажите, појасни тој.
Што се однесува до отстранувањето на нелегано изградените објекти во Охрид, Георгиески рече дека почетокот на акцијата се брои во денови.
“Апелирам до сите кои добиле решенија за отстранување на објекти независно дали се тоа платформи, тераси, бетонски бази или други нелегално изградени објекти, ден побрзо да почнат сами да ги отстрануваат. Уривање во Охрид ќе има многу скоро, да си немаме после математики да си почнат сами да си ги отстрануваат објектите” – дециден е градоначалникот.
Како ќе се уредува просторот, Георгиески истакна дека решението ќе следи после враќање во првобитна состојба на крајбрежјето на Охридското Езеро.
“Во тек е изготвување на Планот за управување со Охридскиот регион и точно ќе се знае што може, а што не може, а не да прави кој што сака и каде сака. Пописот на инвентар, вклучително и на довоградби во Охридскиот регион е завршен и во тек е евалуација. Сопствениците на дивоградби уште еднаш писмено ќе бидат известени и ќе им биде даден рок за отстранување. Периодот на договарање и молење завршува и апелирам сите што имаат такви објекти сами да почнат да ги отстрануваат затоа што после откако ќе бидат извршени, ќе им бидат наплатени сите трошоци за уривањето и за полициска асистенција за истото” – потенцираше Георгиески.
Поради лошото упраување со културното и природно наследство заштитено од УНЕСКО во изминатите три децении, Охридскиот регион се најде во опасност да биде ставен на листа на загрозени подрачја. За да го избегне евентуалното губење на УНЕСКО статусот, властите треба целосно да исполнат 19 барања на Реактивната мисија на светската организација, меѓу кои и отстранување на сите дивоградби и објектите во заштитените зони кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охрид и Охридското Езеро.