Федералната агенција за борба против криминалот (BKA) упати предупредување за можни терористички напади на возови во западните земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставник на агенцијата, во изјава за медиумската групација „Funke“ (Функе), истакна дека терористичките организации имаат намера да направат саботажи на железничките пруги, со цел возовите да излетаат од шините.
Тој нагласи дека терористичката организација Ал Каеда во едно списание упатила апел за саботажа на железниците во западните земји. „Иако конкретно организацијата не е поврзана со Германија, сепак и тука постои можност од вакви напади“, додаде претставникот од Федералната агенција за борба против криминалот.
Тој пренесе дека на една интернет-страница којашто е позната по поврзаноста со терористичката организација ДЕАШ, во јули е дискутирано за организирање терористички напад на возовите во Европа. Според него, оваа интернет-страница ги оценува како „посакувани цели“ несреќите како железничката несреќа што минатата година се случи во градот Бад Ајблинг, во којашто загинаа 12 лица.
Покрај сите овие настани, како што рече тој, нема конкретни информации за потенцијален ваков напад во Германија.