Големите прашања за 2022 година – Џим О’Нил

Сподели

 

Никој не знае во каква насока ќе се движи актуелната пандемија или дали неодамнешните зголемувања на цените ќе бидат минливи, што значи дека економските прогнози ќе станат уште „поопасни“ од вообичаеното. Сепак, некои од трендовите треба да се следат со поголемо внимание во споредба со други, а некои политики треба да се менуваат без оглед на тоа што ќе се случи.

Џим О’Нил

На самиот крај од оваа година, започна „салонската“ игра на преправање дека, ете, знаете што ќе се случува во следните 12 месеци. Сепак, кога станува збор за 2022 година (и потоа) не сум сигурен дали вреди да се преправаме. Не можам да се сетам дали некогаш воопшто имало толку многу големи прашалници во однос на толку голем број на клучни економски прашања.

Оваа длабока несигурност е особено интересна во однос на финансиските пазари. Доколку некое од наведените случувања што треба да се следат добие негативен тек, импликациите за денешниве пазари би можеле да бидат страшни.

Едно од најургентните и најактуелните прашања, освен Ковид-19, е прашањето на инфлацијата. Дали поскапувањата кои се случија оваа година се минливи или тие претставуваат нешто пострашно? Мојот бескорисен одговор на ова е: „Не знам“. Иако сугерирав во истово време минатата година дека инфлацијата би можела да стане поголем проблем во споредба со малиот раст на БДП, сега, како што гледам перспективно кон 2022 година, јас сум многу помалку сигурен во тоа.

Повеќето од денешниве инфлаторни притисоци можеби сè уште се однесуваат на брзината на закрепнувањето на голем број економии и, се разбира, на големите и сè уште постоечки нарушувања на снабдувањето. Но, самиот недостиг во понудата може да биде симптом на поголеми проблеми, како што се преголемо стимулирање на економијата, неефективни монетарни политики или слаб раст на продуктивноста. Импликациите за финансиските пазари би биле сосема различни во зависност од тоа кои од овие фактори се во функција и до кој степен.

Многу други големи прашања за 2022 година се исто така поврзани со инфлацијата. Која е целта на монетарната политика во економијата денес? Дали сè уште треба да бидеме загрижени за нивото на државен долг, или сме откриле (по некој случај) дека никогаш не требало да се грижиме за тоа? Јас сум генерално приемчив за многу работи, но имам некои силни сомневања во оваа конкретна дискусија.

Во врска со фискалната политика и идејата дека државниот долг станува проблематичен на одредено прецизно ниво, настаните од 2020-2021 година покажаа дека голем дел од стандардното размислување е погрешно. Многу поважно е зошто е тој долг. Долгот кој бил направен за да се спречи колапс на економската активност е сосема различен од долгот кој бил направен едноставно за финансирање на преголема и амбициозна агенда на владата.

Што се однесува до монетарната политика, уште пред пандемијата беше јасно дека бескрајната великодушност на централните банки карактеристична за периодот по 2008 година веќе ја надживеа својата корисност. Долго време ни требаше да се вратиме на ситуација во која каматните стапки кои се прилагодени на инфлацијата имаат одредена сличност со потенцијалните стапки на раст на БДП.

Иако може да се служиме изговори за краткото суспендирање кое беше воведено за целите на справување со големиот шок наречен Ковид-19, опстојувањето на ултра-лабавите монетарни политики се чини дека е погрешно. Како што тврдат и приврзаниците на Милтон Фридман, овие политики дури можеби се и причина за неодамнешниот пораст на инфлацијата. Прилично е интересно што, по повеќе години борба за постигнување на повисоки стапки на инфлација (близу или над нивните наведени цели), централните банки сега се одлучија да ја сметаат инфлацијата за нешто привремено.

Всушност, централните банкари немаат подобра идеја од Вас или од мене за тоа дали инфлацијата ќе потрае. Но, дури и ако се покаже дека е минлива, оправдувањето за дарежлива монетарна политика сè уште не држи вода. На крајот на краиштата, со воведување на лабави финансиски услови, централните банки придонесуваат за растечкиот сомнеж дека плодовите на модерниот капитализам се првенствено наменети за оние малкумина кои се привилегирани кои поседуваат средства.

Она што тивко се наѕира над сите овие прашања е централното прашање за растот на продуктивноста, кое со години е нешто разочарувачко кај најнапредните економии. Дали промените во однесувањето и во иновациите кои се предизвикани од пандемијата го најавуваат долгоочекуваното враќање на големите придобивки кај продуктивноста? Јас со едната нога сум во оптимистичкиот табор, поради што не гледам потреба од толку многу парични стимулации. Но, со оглед на постојаните разочарувања во изминатава деценија, не можам со сигурност да застанам во истиот табор со двете нозе. Како и секогаш, креаторите на политики промовираат намера да направат нешто повеќе за да ја зголемат продуктивноста. Човек се надева дека тие сега се посериозни отколку што беа во минатото.

Како овие предизвици и непознати да не се доволно незгодни, тука е и долгата листа на неконвенционални макро прашања што треба да се земат предвид. Дали растечката кинеска економија може подобро да се интегрира во глобалната економија, е нешто што останува да се види. Никој не може да претпостави какви пресврти ќе донесе пандемијата. Дали омикрон брзо ќе стане новата доминантна варијанта или ќе биде заменета со уште една?

А што е со другите големи закани како што е тивката пандемија на антимикробната отпорност или ризиците поврзани со климатските промени? Како што стојат работите, се чини малку веројатно дека гласачите – особено постарите лица кои имаат ограничени или фиксни приходи – ќе толерираат повторни зголемувања на цената на енергијата, дури и ако тие се неопходната карактеристика на транзицијата кон почисти алтернативи. Како што и јас неодамна предложив, креаторите на политики ќе треба креативно да размислуваат како да се справат со овој проблем.

Уште едно големо прашање е глобалната сиромаштија, која повторно почна да се зголемува во последниве две години. Елиминирањето на ова зло било уште поголем предизвик во споредба со енергетската транзиција.

Конечно, тука е и сеприсутната несигурност во врска со владеењето на глобално ниво. За разлика од периодот 2008-2010 година, кога Г-20 се покажа многу ефикасен, речиси и да не е остварен значаен напредок во глобалната економска соработка во 2020-2021 година. Да се ​​надеваме дека 2022 година ќе донесе значително подобрување на тоа поле.

respublica.edu.mk