ГОТОВИ СЕ! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

mersel-biljali

Калигула бил еден од најсуровите императори на римската држава. Верувал дека е бог и се што правел бил во полза да го замени богот Јупитер, дури се сметал за негова реинкарнација. Првите две години од неговото владеење бил нормален, но потоа се претвори во чудовиште. Првин, го обезвалстил сенатот со тоа што погубил бројни сенатори за да создаде страв. За да ги понижи нив, тој својот коњ со име Касач го назначил првин за конзул, а потоа и за сенатор. Стана толку суров што еднаш наредил цели два реда публика во арената да се туркат доле за да ги изедат животните. Оти му било здодевно. Илјадници луѓе ликвидирал, па дури и својата баба ја отрул. Ги убил својот зет и шура, а неговите две сестри избегаа за да се спасат од смрт. За својот „божји“ статус наметнувал посебни покорувачки ритуали кои пред тоа не постоеле -„бакнување на нозе“ итн.

Својата моќ ја демонстрирал со скапи грандиозни градби, додека луѓето масовно умрирале од глад. Го изградил – Августовиот храм, Помпејовиот театар, амфитеатарот кај Септе, модернизација на Царската палата, го започна аквадуктот „Аква Клаудија“ и “Анио Новус“. Дури од Египет го донел големиот обеликс познат како Ватикански обеликс и го започна храмот Аполон, од невидени размери. А народот страдал. Но, тукму поради својата суровост, тој сурово бил убиен од најблиските луѓе.

Се некако ова ми е познато, дури тука во мојата близина. Се догради парламентот, ама и се безовласти и стана храм на измеќари и послушни слуги. Се изгради зградата на Уставниот суд за да се гази уставот во духот и словото. Се изгради Триумфалната порта за да симболизира триумф на злото. Се подигнаа големи споменици за да луѓето се чуствуваат сосема мали, ситни и понижени. Со години градеа нивни пирамиди рушејќи ги нашите животи. Се градело разновидни безвредни „маузолеји“, и многу коњи биле назначени за сенатори, судии, амбасадори итн. Се тоа попратено со астрономско перење пари од една докрај извалкана криминална група, која се живо во државата узурпирала, приватизирала и упљачкала. Тука се – Актор, Злетовица, Синохидро, Сончев град, плацеви, споменици, јавни згради, тендери и што не, поврзани со Кипар, Лугано, Белизе, Кара, Сирах и многу други, кои сега се истражуваат под сериска буква „Т“. Имало и многу рекети, уценувања, малтретирања, протерувања, затворања, па и убивства. Така што вистинскиот „Титаник“ е обична играчка во споредба со безброј наши пиратски бродови кои пловеле без компас и само за гусарки цели. Таму страдале 1.500 случајни луѓе, а тука таа бројка треба да се помножи со илјада неслучајни луѓе. Страдаа милиони души поради мала група бездушници од лудило во сто чекори.

И сега – „Време е“. Е па време е, оти многу мега-афери сега добиваат уста. Режимот е во длабока паника и се надева само на тие луѓе што одамна имаат расчистено, не само со моралот, срамот, пердето, верата и умот, туку и со човечкиот лик. Сега во договор со сијамскиот близнак ДУИ, пробуваат да играт на вештачки национализам за наводна опасност, за да добијаат незаслужени гласови, ама слабо им оди. Луѓето разбраа дека токму оваа група е најголема опасност за нивниот опстанок. Разбраа дека ако им дадат 63 пратеници, толку метри длабоко ќе бидат закопени. Јасно им стана дека нивните лопати служаат само за погребување. Видоа како нивните мали мозоци можат да направат големи злодела! Видоа дека не можат да излезат од пеколот се додека се дружат со ѓаволот. Цели 11 години владееа, за да сега „разберат“ дека било „време“!!! Сите овие години направија пустош. Да се потсетиме дека во 2006 година кога Груевски и Ахмети дојдоа на власт, државата требаше да ги започне преговорите за зачленување во ЕУ, за во 2011 година да станеме полноправна членка. Бевме лидер во регионот. Србија после десет години војувања и санкции беше на колено, со просечната пензија од мизерни 42 евра. БиХ беше во болничка количка, после 200 илјади жртви и милион и пол раселени. Црна Гора и Косово уште не беа држави, а Албанија тек преговараше за процес на стабилизација и асоцијација. Бевме и пред Хрватска, оти таа имаше проблем со Словенија, но таа мудро го надмина тој проблем и сега е членка на ЕУ со просечна плата од 720 евра.

Додека Македонија се движеше наназад, намерно провоцирајќи со името (а целта била да се рушаат интеграциите за мафијата да прави што сака), Србија стана лидер во регионот и сега води преговори за полноправно членство во ЕУ, а просечната плата двојно порасна (сега е 401 евра). За таа цел брзо ги решаваше и жешките прашања со Косово. БиХ веќе стасала на 431 евра просечна плата (околу 80 евра повисока од Македонија). А да не зборуваме за Црна Гора која за 10 години стана членка на НАТО и наскоро ги завршува преговорите за ЕУ, а просечната плата стигна на над 500 евра. Сега се пред нас и Албанија и Косово, оти ние сме веќе последни со 351 евра. И што треба уште да се случи за да и таа мала бројка што уште ги подржува да разбере ,дека ние не сме имале власт туку несреќа. Можеби не им се доволни солзите на илајдници мајки за нивните деца, а низ една капка солза може да се гледа подобро отколку низ огромен телескоп.

Сега е јасно дека партијата на Груевски и Амети полека но сигурно се движат кон нивното “харакири“. Владееле така што секој ден јаделе дел од нас и од државата. Сега секој ден се размножуваат изворите од чистата вода кои ќе треба да ги исчистат фекалите на секој квадратен метар. Сега веќе има и сериозни пукнатини во нивните бродови, кои ќе доведат до потонување. Освен ако некој не се одлучи да ги жртвува нив како сидро за да го спаси бродот. Но, се уште едни плашливци немаат храброст за да се откачат од давеникот кој има камен околу вратот, па и нив ги влече во бездна.

Но, треба да се има предвид дека се уште кај нас можете да најдете луѓе на кои власта ќе им го упропасти животот, а да помислат дека тоа е од патриотски причини. Луѓе кои продолжуваат да мислат дека општото осиромашување и истерувањето на нивните деца од државата е поради некое општо добро. Но, слободата е прескапа за да се остава на евтини луѓе. А сите ние треба да разбереме дека животот не ни е секогаш лош само поради лошите луѓе, туку и поради добрите луѓе кои не се спротиставуваат на лошото. И конечно, божји грев е да им се даде глас на тие што имаат потреба за мозок и морал.

По изборите, одговорноста треба да биде неизбежна. Општото ослободување, опфаќа не само враќање на нормалноста, туку враќање и на ограбените пари. А Калигула и неговите коњи ќе мора во некоја штала.