Гоца Шлем и Фамилија сѐ уште прогонуваат мирни демонстранти – Џабир ДЕРАЛА

Сподели

Мислите дека судскиот прогон на мирни демонстранти против полициската бруталност и криминалите на режимот на Груевски останаа на темните страници од македонската историја? Не.

Рано попладне, на 5 мај 2015 година, започнаа демонстрациите против полициската бруталност по обелоденувањето на деталите од убиството на Мартин Нешковски (6 јуни 2011). Тогашната министерка Гордана Шлем Јанкулоска, Сашо Бате Мијалков и Фамилијата се обидоа да го прикријат ова брутално убиство, а деталите за тоа беа непознати до објавувањето на „бомбите“. Остана запаметено „негодувањето“ на Гоца Шлем: „Едно убиство да не можеш да скриеш!“.

Трпението на граѓанките и граѓаните беше како оптегната стрела. Монструозноста и студенилото со кои власта се справуваше со ова убиство, како и со многу други криминали и бруталности, покрена илјадници луѓе.

На тој 5 мај, со паѓањето на мракот, падна и командата да се прегазат демонстрантите. Специјалната полиција ја бранеше бруталноста на власта со БРУТАЛНОСТ. Тепаа безмилосно пред владата, ги тепаа и тие што се повлекуваа (така добивме пендреци по грбот), ги клоцаа и газеа оние што седнаа и ги кренаа рацете (така добивме модрици и огреботини од нивните чизми на цеваниците). Откако ги растераа демонстрантите пред грдата шампита (Владата), се вдадоа во крвничка потера низ улиците во радиус од три километри. Власта беше решена да се пресмета со револтираните луѓе. Се сеќавате, специјалците упаднаа и во библиотеката „Браќа Миладиновци“ и ги малтретираа студентите што таму учеа за испити.

Така, уапсија и десетици луѓе по улиците, прилично оддалечени од Шампитата. При апсењето некои беа тепани, а потоа пикнати во „марица“ и затворени по полициски станици низ градот (Пролет, Автокоманда…). Им ги зедоа телефоните и им ги држеа со недели, а не им дозволија да ги известат своите семејства каде се, како во јужноамериканските диктатури. Ги држеа во полициска станица со малку вода и без храна цела ноќ и цел ден. Ги малтретираа. А потоа ги дадоа на суд. Член 15 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Бре!

Луѓето не се исплашија од пендреците, оклопните транспортери и пропагандата. Продолжија со својот марш кон слободата и го урнаа режимот.

Но, режимот остана да живее.

Три години по бруталната пресметка со демонстрантите и апсењата, сѐ уште трае судскиот прогон на оние што мирно го изразија својот протест, право што го гарантира Уставот на Македонија и меѓународното право. Неколку наши другарки и другари деновиве добија покани за судско рочиште во кое тие се обвинети за прекршоци против јавниот ред и мир. Затоа што мирно демонстрираа и беа тепани и газени, а потоа беа уапсени на оддалечени места по улиците, не бегајќи, туку мирно заминувајќи дома. Затоа што беа тепани при апсењето, малтретирани во полициските станици, спротивно на законите и стандардите. Ете, затоа сега тефтер судството ги суди. Речиси две години по падот на режимот!

Да се изначуди човек како не се најде барем еден пратеник, барем еден министер, некој… да каже стоп за прогонот на мирните демонстранти против режимот. Наместо да добијат признание, извинување и обесштетување, овие наши другарки и другари сѐ уште се влечат по судови.

Нивното изгубено време, нивниот углед и нивните трауми се и наши. Ова не е нормално!

Се прашувам, дали ако излеземе на протест против прогонот на нашите другарки и другари, ќе нѐ уапсат и ќе не гонат судски затоа што го користиме уставното право на мирен протест. Многу сериозно прашувам. Неприфатливо е оправданието дека, ете, сегашната демократска власт се залага сѐ да биде според законот, да се освои и трансформира системот „низ процес“. Видовме како изгледа тој „процес“.

Неприфатливо е и тоа да се истера целиот процес, па и да се добијат „ослободителни пресуди“ врз основа на „олеснителни околности“ или „застареност на предметот“. Тоа не е праведно, не е ни легално, ниту легитимно. Не! Само е срамно.

Стоп за судскиот прогон! Преиспитување на сите проблематични судски одлуки! Извинување за малтретираните граѓанки и граѓани! Обесштетување!

Тоа е прифатливиот минимум. Сега!