Инспекторите на Град Скопје денеска извршиле вонреден инспекциски надзор во просториите на Специјалната болница по гинекологија и акушерство во Чаир, по пишувањата во медиумите дека котелот што се користи за загревање на просториите и на водата за потребите на болницата чади и прекумерно загадува.
„Инспекторите утврдија дека станува збор за дефект на дизните од котелот што е стар повеќе од 50 години. Според кажувањата на директорот на болницата дефектот е отстранет и оџакот повеќе не чади. Инспекторатот на Град Скопје денеска ја задолжи болницата да направи мерења на емисиите на издувните гасови од оџакот со акредитирана лабораторија за мерење. По денешната инспекција, Инспекторатот ќе упати допис со барање за итна промена на овој котел и до Министерството за здравство и до Министерството за животна средина и просторно планирање“, соопштија од Град Скопје.
Доколку надлежните не постапат на тој начин, болницата ќе биде затворена од страна на Градот.
„Не сакаме да предизвикаме криза, но, мора конечно секој да си ги заврши своите обврски. Тој котел загадува, веќе двапати е констатирано, а известување за тоа е дадено до директорот на болницата. Очекувам дека надлежните интервентно ќе реагираат по однос на овој проблем зашто во тој круг се раѓаат бебиња“, рече Шилегов на денешната прес-конференција.