Град Скопје со донација од Халкбанк ќе ги реконструира сите мостови во Градскиот парк

Сподели

 

За првпат по неколку децении, Град Скопје со донација од Халкбанк целосно ќе ги реконструира сите 19 пешачки мостови во вториот дел од Градскиот парк. Обновата на мостовите почна денеска и ќе опфати замена на дрвените подови со нови, поквалитетни дрвени материјали отпорни на климатски влијанија, премачкување на металните површини со боја што овозможува заштита од корозија, поставување рампи за велосипедисти и лица  сопосебни потреби и други зафати кои ќе ги направат овие мостови побезбедни за користење, подолготрајни и естетски поубави. Активностите за обнова на мостовите се очекува да завршат за два месеца.

 

 

“Ваква реконструкција на сите мостови одеднаш не е направена никогаш досега. Упатувам голема благодарност до Халкбанк како општествено одговорна компанија којашто излезе во пресрет на Градот Скопје за да ја спроведеме заеднички оваа акција. Нашата цел е на граѓаните да им овозможиме да уживаат во Градскиот парк, а кога ќе преминуваат преку овие мостови да се чувствуваат безбедно. Скопје е град што вложува во својот развој и покрај тешките услови. Пандемијата ќе помине, а животот ќе мора да продолжи. Да го дочекаме продолжувањето на животот со што подобра инфраструктура и во Градскиот парк и на нашите улици” – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи за обнова на мостовите во Градскиот парк.