Град Скопје: ВМРО-ДПМНЕ е тој којшто го има склучено договорот со ЈП „Дрисла“

Сподели

 

Град Скопје ги отфрала неоснованите и паушални обвинувања изнесени на денешната прес-конференција на Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и остро реагира на истите.

  • Град Скопје ја презема Дрисла на 22 јануари годинава со сите права и обврски коишто произлегуваат од нејзиното работење.
  • На седница на Советот на Град Скопје на 11.02.2020 година, усвоена е Програмата за работа на ЈП „Дрисла“ со што се создава можност во ЈП „Дрисла“ да започнат постапките за јавни набавки
  • Во рамките на затекнатите договори е и договорот склучен со фирмата „АЛПИМА ГРАДБА ТИМ ДООЕЛ“ којшто истекуваше на 18.02.2020 година
  • Имајќи предвид дека е краток рокот да се спроведат јавните набавки, ЈП „Дрисла“ се обрати до Министерстство за финансии и Бирото за јавни набавки да може да се склучи договор со непосредна спогодба за период од 3 месеци додека заврши постапката за јавната набавка. Таквото барање е одобрено од Бирото.
  • По основ на ваквото одобрение, ЈП „Дрисла“ склучува договор со истата фирма „АЛПИМА ГРАДБА ТИМ ДООЕЛ “ за цена којашто е поевтина за повеќе од 10% од претходниот договор со нив, склучен од претходното раководство.
  • Согласно планот за јавни набавки, распишана е постапка за избор на понудувач каде што се отворени понудите и според роковите треба да се закаже електронско надавање за најповолен понудувач за изнајмување на градежни машини.

ЈП „Дрисла“ со цел во иднина да се избегнат непотребните трошоци за изнајмување на машини, распиша и постапка за јавна набавка за резервни делови и одржување на возниот парк и машините на ЈП „Дрисла“ со крајна цел, овој процес јавното претпријатие да го прави самостојно, без склучување на дополнителни договори за изнајмување на градежни машини, што ќе биде стандард на работењето на ова претпријатите откако ќе бидат сервистирани сите машини во сопственост на ЈП Дрисла.

Прашањето на коешто треба да одговори ВМРО-ДПМНЕ на јавноста е зошто се обиде криминално да ја приватизира Дрисла и зошто во меѓувреме го уништила возниот парк и машинеријата на Дрисла, а одбрала да испумпува финансиски средства од претпријатието со склучување на договори за изнајмување на градежни машини од надвор.

Напоменуваме дека кадарот на ВМРО-ДПМНЕ во ЈП „Дрисла“ е тој којшто го има склучено договорот со овој правен субјект, а ние само го продолживме за три месеци за поевтина цена од таа што они претходно ја имаа склучено. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да си ја прежали својата „златна кокошка“ и очигледно е дека нивниот добропознат клептомански начин на раководење со институциите е единствен начин на размислување, па токму затоа не можат да ја видат и прифатат различноста во водењето на градот и неговите капацитети според новите, чесни стандарди – соопштуваат од Град Скопје.