Грција подготвува акција за празнење на Идомени

Сподели

111

Грчката влада подготвува план за итно празнење на Идомени и пренесување на бегалците од импровизираниот камп на македонско-грчката граница во бегалските центри. Акцијата се очекува да започне во вторник или среда.

Грчките медиуми јавуваат дека повеќе од десет екипи на специјалните полициски сили добиле наредба од изутринава да заминат од Атина кон Идомени и да бидат на готовс да реагираат доколку е неопходно во акцијата за пренесување на бегалците од кампот во бегалските центри низ државата.

Планот е во рок од неколку дена до една недела да се пренесат со автобуси од Идомени до центрите околу 8.500 луѓе. Кампот е поделен на зони и луѓето ќе се пренесуваат постепено, почнувајќи прво со оние кои се најблиску до патот, продолжувајќи потоа со оние кои се најблиску до границата со Македонија.

Според информациите, акцијата ќе има обид да биде ненасилна, наредбата до полицијата е да се избегне насилство и инциденти во акцијата и обидот да се пренесат бегалците.

Полицијата се очекува целосно да го изолира кампот од луѓе кои не се вклучени во акцијата. Пристап до Идомени штом започне акцијата нема да имаат ниту волонтерите, ниту новинарите.

За да се избегнат проблеми ќе има засилено полициско обезбедување и во бегалските центри. Сепак, за многумина во Грција останува отворено прашањето дали низ бегалските центри во државата има доволно место да се сместат сите 8.500 луѓе од кампот.

Останува отворено и прашањето како ќе оди акцијата ако се земе во предвид фактот дека голем број од луѓето самоволно одбиваат да си заминат од Идомени веќе два месеци со надеж дека ќе успеат некако да преминат кон северна и западна Европа.