Хелсиншки комитет: Во декември зголемување на пријавите за говор на омраза за 130%

Сподели

 

 

Речиси половина, односно 48 отсто од пријавите за говор на омраза на социјалните мрежи регистрирани за декември 2020 година во Хелсиншкиот комитет за човекови права се врз основ на етничка припадност, покажуваатподатоците на месечниот извештај за човековите права во С.Македонија на Комитетот. Истовремено, пријавите врз основ на политичка ориентација и сексуална ориентација и родов идентитет повторно забележале подем во декември, со по 30 отсто од вкупниот број пријави.

„Комитетот верификуваше вкупно 110 пријави за декември 2020 година, што претставува зголемување за 130 отсто во споредба со истиот месец во 2019 година. Најголем број од случаите во октомври се однесуваа повторно на пријави поврзани со говор на омраза врз основ на етничка припадност, што беше во постојан пораст од почетокот на глобалната пандемија“ стои во извештајот на Хелсиншки комитет, во кој се вели дека најголем пораст на вакви пријави бил забележан во периодот кога Владата обезбеди средства за поддршка на работата на Општина Арачиново, одлука која наиде на остри критики и дискусија во јавноста бидејќи ѝ се даде етничко-политички предзнак.

Оттаму потенцираат дека внатрешните политички случувања довеле до продлабочување на негативната реторика која честопати се заснова врз дезинформации и лажни вести без проверка на фактите за водење на понатамошна дискусија, како што е ситуацијата при објавувањето на предлог-концептот за реформа на дел од образовните процеси, од страна на Министерството за образование и наука.

„Една од главните причини за ширење на говор на омраза е немањето верификувани информации и ширењето дезинформации и лажни вести. Дополнителен фактор за ваквата состојба е непостапувањето по случаите на говор на омраза, особено од страна на Јавното обвинителство“, констатираат од Хелсиншки.

Како што додаваат тие, и натаму се бележи употреба на крајно хомофобичен тон во јавниот дискурс, со користење навредливи и дискриминаторски зборови. А особено бил забележан пораст на говорот на омраза врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет по објавата за формирање на Интерпарламентарната група за поддршка на правата на ЛГБТИ-заедницата во рамки на новиот собраниски состав.

Освен ова, неможноста Република Северна Македонија да ги почне преговорите за пристапување во Европската Унија придонела кон дополнително внесување на негативна реторика во јавниот дискурс, што се рефлектира во пријавите врз основ на политичка припадност, се констатира во извештајот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија, особено Министерството за внатрешни работи, итно да преземат мерки што се во нивна надлежност за санкционирање на овој феномен – односно поинтензивна работа со граѓанските организации и јавна кампања за дополнителна едукација на граѓаните.

Целиот извештај може да се погледне на овој линк.