Катастрофални се последиците од постојаниот еднодецениски стрес наметнат од агресивната и непрестана предизборна кампања. Граѓаните на Македонија цели 11 години секојдневно се изложени на трагични политички и партиски пропагнади. Нападнати се сите човечки сетила со перманентните 24/7 повици на омраза, делби, нетрпеливост, недоверба, страв и неизвеснот. Нормалниот живот долги години сериозно е нарушен од политички и партиски децибели и од енормно загадување со деградација и на човекот и на човековата околина со лаги и кримнал илјада пати над дозволеното што има трагични димензии по здравјето на нацијата. Животот во режим, во партизирано општество до последната пора на системот, за 11 години направи епидемија која го попречи не само прогресот и европеизацијата на земјата и квалитетот на живеење на граѓаните, туку и буквално го измести правилниот развој на младите луѓе, кои се формираа како личности во ерата на груевизмот. Сето ова во сиромашни земји се постигнува прилично лесно со примитивен популизам и постојани застрашувања, црни пропаганди, со корумпирање и создавање на привилегирани партиски следбеници.
По падот на Груевски и неговиот режим, кога се узна до каде се дојдени работите и од тие што не веруваа, Македонија повторно во следните два месеци ќе се соочи со највалканата и најотровна пропаганда за едни локлани, или како што обично се нарекуваат, комунални избори кои паднатата власт ги гледа како единствена надеж за спас. Затоа е агресивната најава дека локалните избори се референдум, општонародно изјаснување за спасување на Македонија од домашни и надворешни непријатели, од Америка, од Европа, од ЕУ, од НАТО и од нивните платеници кои формираа мнозинство во парламентот и коалициона влада. Груевски и неговите следбеници уште не можат да ги видат историски значајните промени, кои уште во стартот ги вратија надежите и дома и надвор дека Македонија е на добар пат да ги оствари своите стратегиски интереси, одамна блокирани, најмногу поради нивната погрешна политика. Во една ваква ситуација, наместо да се изврши генерален ремонт во ВМРО-ДПМНЕ и да се излезе пред лицето на правдата, Груевски немајќи за што друго да се фати прво ја заштити својата позиција во партијата на доживотен водач, а потоа изврши мобилизација за најголемата патриотска офанзива против политичките противници кои тој лично и неговите медиумски труби одамна ги прогласија за најголеми непријатели на независна Македонија. Патриотизмот повторно е единствениот адут со кој Груевски почна да ја сардисува и обојува целата земја. А, за што друго може да се фати кога ништо друго не држи вода. Од сите страни тече кај и да пипне човек.
Овојпат за спасувањето на Груевски и неговата клика од судски процеси и од правдата повикани се и некои комшии и странски разузнавачки сили кои треба со свои активности и јавни медиумски таламбаси да предизвикаат распад на тенкото мнозинство во парламентот, кое се покажа многу поцврсто во првите безмалку сто дена, не само со емитување на еден поинаков амбиент кога послободно се дише, туку пред сè со враќањето на Македонија на вистинскиот пат што не остана незабележано во регионот, но и во Брисел и во Вашингтон. Шпионските игри со Србија и со Косово можеби ќе потраат уште некое време ама веќе се виде дека од секое лајно не се прави керпич. Се урна за два дена овој ќенеф дирек на кој се потпираше лабавата ѓоа шпионска конструкција. И тие што влегнаа „на урааа“ во шпагети епизодата на каубојски филм полека ја свиткаа опашката свесни дека драмолетката ќе се претвори во комедија автоматски штом ќе се викне на тревога дека Македонија ја нападнала Србија. Ајде ти се молам, тие не стасале да го прашаат својот учител Шешељ што мисли за оваа закана од Македонија, кога од поодамна најави, среде Скопје во градскиот парк, дека Србија може да ја окупира Македонија со две велосипедски чети. Односите на силите и денес се непроменети. Сè разбира, до членството на Македонија во НАТО.
Македонија нема друг избор освен искрени доброседски односи со сите соседи, а Србија соочена со многу посериозни кризи и конфликтни ситуации по сите војни што ги водеше веќе нема деца за гинење како што неодамна предупреди со силен одглас нивниот академик и познат писател, Душан Ковачевиќ.
Целосно разголен и прочитан Груевски, сè уште не може да види дека неговото заминување од политиката е најдобрата вест за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ. Некои тоа во партијата и отворено му го кажаа, ама тие што треба не само да му кажат, туку и да го избркаат баш од вистински патриотски причини, немаат храброст да го направат вистинскиот чекор. И наместо тоа послушно организираат собирање потписи да ја спасат државата од бегалци кои нигде ги нема, а и кога ги има, брзаат да заминат од овде бидејќи ни на крај памет не им е да живеат во Македонија. Тие уште пред три-четири години, кога стапнаа на територијата на Македонија, знаеја колку е саатот кога една домашна непресупшна река бегалци си заминува од својата земја. Скоро ниту еден од бегалците досега не побара азил, ама Груевски ги натера своите активисти да играат на картата за локални избори да не нè окупираат дојденици од Блискиот Исток. Втората патриотска потрошена тема за два дена беше Договорот за добрососедство со Бугарија. Се разлелекаа до солзи дежурните бранители на македонскиот идентитет, јазик и уставно име. И од тоа не испадна ништо, бидејќи секој чекор на подобрување на односите со соседите оди во прилог на Македонија. Шест месеци чукаа вмровските камбани за опасноста од двојазичност во Македонија која постои и функционира повеќе години. Зголемувањето на употребата на другите јазици во државата се виде дека не го ограничува со ништо македонскиот јазик, туку напротив, ја зголемува неговата употреба како единствен комуникациски заеднички код на сите што живеат во Македонија.
Патриотска тема, замислете, стана и ѓубрето во отворените депонии. ВМРО-ДПМНЕ вреска за ѓубрето, а за 11 години од Македонија направи најголема депонија на Балканот. Сега Груевски бара да се исчисти за сто дена целото ѓубре кое го фрлаше на сите страни цела деценија и кусур. Најсмешни ми се повиците за големото задолжување на новата влада. Ги гледам оние јастреби без канџи на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот и си велам, добро има ли некој меѓу нив малку храброст да му каже на човеков аман бре престани да трубиш со тие задолжувања. Ги заборчивме луѓето пет милијарди евра и ај што ги задлживме до гуша, со тие пари не направивме ништо освен споменици во твоја чест и ги наполнивме твоите џебови и на твојата фамилија. Вчера ја слушнав една од поголемите будалаштини на уплашениот Груевски во неговата забревтана комунална кампања. Се пофалил новиот министер за сообраќај дека ќе добијат пари од ЕУ за изградба на некаква делница, брз пат. Груевски, видно возбуден, сакајќи да ја скрие лутината со насмевка и’ објасни на јавноста дека тие пари и поволни кредити од ЕУ за патот се на ВМРО-ДПМНЕ, неговата партија го одработила тоа. Знае ли што кажува човекот, за него сè што е кредит и донации е на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Владата, државата, институциите, државните фондови сè е тоа ВМРО-ДПМНЕ. Знае ли некој да ни каже кој во светот дава пари на партија за изградба на пат. Си велам, нормална и искрена е оваа реакција на Груевски.Така беше, сè во оваа земја припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ и на семејството. Време е и тие што ги направија долговите и да ги вратат, и кон банките и кон своите заборчени граѓани.
Има ли навистина нешто за што може да се фати Груевски за локалните избори. Нема, освен да обвини други за она што тој не го направил, а требал да го направи за време од цела една ера.