Иницијатива за конгрес: Сега е вистинскиот час, Мицкоски да ја ослободи партијата

Сподели

 

Од Иницијативниот одбор за свикување конгрес на ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од лидерот Христијан Мицкоски откако вчера Собранието со 62 гласа на барање на премиерот Зоран Заев изгласа доверба на Владата.

„Наместо прослава, партиските членови добија ладен туш. СДСМ покажа дека нивното мнозинство е непроменето, а во политичките кулоари кружат информации дека власта обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои не гласале, бидејќи немало потреба. Партијата вчера беше посрамена“, велат од Иницијативниот одбор.

Тие не се откажуваат од смената на Христијан Мицкоски од лидерската позиција во опозициската партија, објаснувајќи дека тој свесно ширел еуфорија оти успеал да обезбеди мнозинство, иако знаел дека тоа не е вистина. Од Иницијативниот одбор велат дека Мицкоски уште од октомври минатата година најавил дека разговарал со пратеници од владејачката коалиција, кои сакаат да го напуштат Заев.

„Сега е вистинскиот час, Мицкоски да ја ослободи партијата, да престане да шири раздор и да си замине пред уште еден изборен пораз и дополнителна штета на ВМРО-ДПМНЕ. Делегатите на конгресот во Валандово не го гласаа за тоа“, велат од Иницијативниот одбор.

И Никола Тодоров, поранешен функционер во ВМРО-ДПМНЕ се огласи со став дека сѐ додека Христијан Мицкоски е на чело на партијата, Зоран Заев ќе си игра мајтап со ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде на власт.

“Вчерашниот ден беше разочарувачки за сите нас од три причини. Прво, владата на Заев опстана. Не и беше изгласана недоверба и овој факт не може и не смее да го направи среќен било кој наш член или симпатизер без разлика дали се согласува или не со политиките на актуелното раководство. Никогаш не сум ликувал и никогаш нема да ликувам на било кој пораз на ВМРО, без разлика на тоа кој го води ВМРО и дали лично се согласувам или не со претседателот на партијата. Затоа велам, жалам што опстои владата предводена од Заев и СДСМ.
Втората причина за разочараност е фактот што излезе на виделина лагата дека има ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО. Кај сите членови се подгреваше лажна надеж од страна на Мицкоски дека владата е готова, падната, и дека за неколку дена ова ќе биде реалност. За жал, Заев на еден брутален начин, политички, го тресна од земја Мицкоски по стоти пат. Јасно е, се додека Мицкоски е на чело на ВМРО, Заев ќе си игра мајтап со ВМРО и ќе биде на власт во државата. Мицкоски си оди, Заев си оди!
Третата причина за разочараност е што сопартијци, очи си вадат по социјалните мрежи, со погрдни зборови и лоши мисли. Повторно причината за длабоката поделба е Мицкоски. Мицкоски си оди, ВМРО се обединува! Само сплотени можеме да станеме модерна, европска, центар десна партија и само така ќе си ги повратиме изгубените над 150.000 гласови. Или ќе останеме робови на минатото или ќе покажеме храброст и визија за иднината”, напиша Никола Тодоров на својот официјален фб профил.