ИТАЛИЈА: Вонредна состојба, итна помош за Џенова и дводневна жалост

Сподели

Италијанската влада прогласи вонредна состојба во Џенова која ќе трае една година и одобри пет милиони евра итна помош, пренесува Дојче веле.

Петте милиони евра итна помош за Џенова се од националниот фонд за вонредни ситуации и се „прва мерка на владата по трагедијата“, изјави италијанскиот премиер Џузепе Конте на прес-конференција по кризната седница на владата која се одржа во Џенова.

Владата ѝ се закани на фирмата која управува со автопатот со одземање на лиценцата и високи казни. Претпријатието има земено милијарди евра од патарини, а парите не се инвестирани според планираното, критикуваше министерот за внатрешни работи Матео Салвини. Фирмата Аутостраде ги отфрли обвинувањата и тврди дека мостот којшто се урна бил контролиран согласно законските прописи.

Вицепремиерот Луиџи ди Мајо денеска им упати предупредување и на останатите фирми кои управуваат со автопатите во земјата дека ако не се во состојба да си ја извршуваат задачата како што треба, тогаш ќе мора државата да ги земе автопатите под своја капа. Според Ди Мајо, фирмите управители ќе мора повеќе да инвестираат, а не само да размислуваат за дивиденди.

Италијанската влада по вонредната седница прогласи и ден на жалост во земјата, но датумот сѐ уште не е одреден, затоа што тој треба да се поклопи со денот кога ќе бидат погребани жртвите од катастрофата. Во Џенова, пак, ќе има два дена на жалост.

DW