Избори во Германија: Шулц се надева на голема поддршка од неопределените гласачи

Сподели

Претседателот на Социјалдемократската партија (SPD) и кандидат за нов канцелар на Германија, Мартин Шулц, изрази надеж дека стапката на одзивот на гласачите на денешните парламентарни избори во земјата ќе биде висока, јавува Anadolu Agency (AA).

Речиси 61,5 милиони регистрирани гласачи денес го бираат 19. состав на германскиот парламент, Бундестагот, а таа граѓанска обврска ја исполни и челникот на СПД, Шулц, кој е и главен конкурент на актуелната канцеларка и лидерка на Христојано-демократската унија (CDU), Ангела Меркел.

Во придружба на сопругата Инге, Шулц гласаше на избирачкото место во зградата на општината во Вурселен.

„Се надевам дека денес на гласачките места ќе излезат голем број на граѓани и дека со гласовите за демократските политички партии ќе ја зајакнат демократската иднина на Германија“, рече Шулц по гласањето.

Истакнувајќи дека голем број на германски гласачи до самите избори беа неопределени, Шулц рече дека верува во добриот резултат на СПД, и дека има значителен број на гласачи кои на пат кон гласачките места размислуваат за кого да гласаат.

Лидерката на владејачката коалиција ЦДУ-ЦСУ, Меркел, во попладневните часови ќе гласа во Берлин, а според последните анкети, токму таа е фаворит за освојување на четвртиот последователен мандат за челник на германската влада.

Избирачките места во Германија се затвораат денес во 18 часот по локално време, а прелиминарните резултати се очекуваат неколку часа по затворањето.