Изборната кампања за локалните избори 2021 година завршува утре, а Државниот завод за ревизија ги потсетува учесниците во кампањата дека до сабота (16 октомври) треба да достават финансиски извештаи за примените донации.
Како што објави ДЗР, партиите и останатите учесници на изборите се должни на ден 16 октомври 2021 година еден ден по завршување на изборната кампања да достават Извештај со образец за примените донации на трансакциската сметка за финансирање на изборната кампања, согласно Изборниот законик.
„За таа цел, Државниот завод за ревизија на ден 16 октомври ќе обезбеди редовно работење на Архивата за прием на извештаите заклучно со 24:00 часот, а истовремено ќе овозможи и електронски прием на истите на службената адреса на ДЗР dzr@dzr.gov.mk“, велат од заводот.
Оттаму укажуваат дека треба да го користат образецот пропишан од министерот за финансии, односно согласно Правилникот за образецот за извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања и извештај за примени донации на трансакциска сметка за финансирање на изборна кампања.
„Политичките субјекти се должни овие извештаи да ги објават на своите веб страници“, велат од заводот за статистика и додаваат дека правилникот е објавен и на официјалната веб-страница на Државниот завод за ревизија на следниот линк.