Изгласана недоверба на Владата на бугарскиот премиер Петков

Сподели

 

Денеска, 22.06.2022 година, нешто по 19 часот по бугарско време ѝ беше изгласана недоверба на владата на премиерот Кирил Петков чиј мандат се окарактеризира со исклучителни напори за решавање на спорот со Северна Македонија, кревање на ветото и одблокирање на процесот на проширување на Европската унија.

За недоверба на владата гласаа 123 пратеници, а против беа 116, воздржани немаше. Во групата на оние кои гласаа да „падне“ владата беа 59 пратеници од ГЕРБ-СДС на екс-премиерот Бојко Борисов, кој и го воведе ветото за Северна Македонија, потоа 33 пратеника од ДСП, 13 од „Има таков народ“ на Слави Трифонов и 12 на Преродба.

Во својот говор, премиерот во заминување Петков рече:

„Беше чест да се води влада која беше соборена од Пеевски, Борисов, Трифонов и Митрофанова. Она што тие не го разбираат е дека не можат на тој начин да го придобијат бугарскиот народ. Ние ќе ја продолжиме во оваа битка и еден ден ќе ја имаме Бугарија без заткулиси, без мафија. Една нормална, успешна држава. Ви благодарам“.

Гласањето беше поднесено од ГЕРБ-СДС поради наводни несогласувања со економската политика на владата.

Претходно, во текот на денот, опозициските пратеници на ГЕРБ-СДС, ДПС, Преродба и ИТН ја блокираа работата на парламентот не обезбедувајќи кворум. Седницата на Комисијата за надворешни работи на која требаше да се расправа за „францускиот предлог“ за кревање на ветото и одблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија, беше одложена на барање на овие политички партии. Борисов побара од Петков најпрво да го крене ветото со политичка одлука на владата, па потоа да се расправа за „фрацускиот предлог“ во бугарскиот парламент./мета.мк