Во Европа, во којашто гледано од глобален аспект се чувствуваат последиците од терористичките напади, излезот на Обединетото Кралство од Европската Унија, т.е. Брегзит, и мигрантската криза, во јуни ќе се одржат избори во пет земји, јавува Anadolu Agency (AA).
По општите избори во Обединетото Кралство, кои ќе се одржат на 8. јуни, во сенка на Брегзит, во Франција ќе бидат одржани изборите на кои ќе се гласа за пратеници во парламентот. Од друга страна, делумни локални избори ќе се одржат во Италија, што ќе биде тест за парламентарните избори закажани за следната година.
Изборите во Косово и во Албанија би можеле да влијаат врз разрешувањето на политичката нестабилност во тие земји.
– Предвремени општи избори во Обединетото Кралство на 8. јуни
Општи избори во Обединетото Кралство требаа да се одржат во мај 2020 година, меѓутоа, со одлука на премиерката Тереза Меј, датумот е променет за 8. јуни оваа година. Меј оваа одлука ја донесе со цел во земјата да се воспостави „стабилност и заедништво“ во преговорите за Брегзит, кои Обединетото Кралство ги води со ЕУ.
Може да се забележи дека лидерите на партиите во оваа земја водат кампања според „стратегијата за Брегзит“, а со реториката дека се прави избор за иднината на Обединетото Кралство по Брегзит, се настојува да се влијае врз избирачите.
Во Обединетото Кралство, кое се состои од Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска, се истакнува конзервативната партија, предводена од Меј, следува Лабуристичката партија, предводена од Џереми Корбин, Либерално-демократската партија, предводена од Тим Фарон, Британската независна партија (UKIP), предводена од Пол Натол и Шкотската национална партија (SNP), предводена од Никола Старџен.
– Избори во Франција –
Изборот на претставници во францускиот Парламент ќе се одржи во два круга, на 11 и на 18 јуни. Овие избори се важни од аспект што на тој начин, новиот претседател на Франција, Емануел Макрон, доколку добие мнозинство на изборите, ќе може да формира влада.
Франција ќе бира 577 претставници на националниот парламент.
Партијата на Макрон ”La Republique En Marche” (REM) (Република во движење) на гласачите ќе им понуди 428 свои кандидати.
Анкетите покажуваат дека REM ќе го добие потребното мнозинство. Анкетата на органиацијата за истражување на јавното мислење „Opinionway-Orpi“ покажува дека партијата на Макрон ќе освои меѓу 310 до 330 пратенички места.
Републиканската партија (LR) би можела да биде втора со 140 до 160 пратенички места, додека се претпоставува дека на третото место ќе се најде Социјалистичката партија (PS) со 25 до 30 места.
Националниот Фронт (FN) на Ле Пен би имал 10 – 15 претставници во парламентот.
Во парламентот директно ќе влезат кандидатите кои ќе освојат над 50 отсто од гласовите, а доколку тоа никому не му појде од рака, ќе биде организиран втор круг на избори. Во вториот круг ќе се натпреваруваат оние кандидати кои ќе имаат повеќе од 12,5 отсто од гласовите.
– Делумни локални избори во Италија
Покрај Франција, на 11. јуни ќе се одржат и избори во Италија. Италијанците ќе гласаат за претставници на власта во околу 1.00 градови и помали места.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Италија, на делумните избори, право на глас ќе имаат 9.208.000 гласачи.
Доколку никој од кандидатите не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, на 25. јуни ќе се одржи втор круг на гласање, во кој ќе се натпреваруваат двајца кандидати со најголем број на гласови.
Се очекува тоа да биде важен тест за општите избори кои наредната година ќе се одржат во Италија.
– Избори во Косово и во Албанија
По падот на косовската Влада, за 11. јуни се закажани предвремени парламентарни избори.
За места во парламентот ќе се борат пет конкурентни коалиции, 19 политички партии и две граѓански иницијативи. За формирање на нова влада на Косово, потребни се најмалку 61 пратеник. Предизборната кампања во Косово започна на 31. мај.
Парламентарните избори во Албанија требаше да се оддржат на 18. јуни, но се одложени за една недела подоцна, а гласачите ќе можат да гласаат меѓу 18 политички партии. Предизборната кампања започна на 25. мај.