Наместо да се преправаат дека едната страна е светица, а другата грешница, сите кои се инволвирани во последниов конфликт помеѓу НАТО и Русија треба да признаат дека имаат заеднички интерес за долгорочна безбедност. Тоа подразбира дипломатско решение во кое Украина го обезбедува својот суверенитет преку позиција на неутралност.
Западните пријатели на Украина тврдат дека ја штитат земјата бранејќи го нејзиното право да влезе во НАТО. А точно е токму спротивното. Во одбраната на едно теоретско право, тие ја загрозуваат безбедноста на Украина со тоа што ја зголемуваат веројатноста од руска инвазија. Независноста на Украина може да се брани многу поефикасно, и тоа со постигнување дипломатски договор со Русија кој ќе го гарантира суверенитетот на Украина како земја што не е членка на НАТО, слично на Австрија, Финска и Шведска (сите се членки на Европската Унија но не и на НАТО).
Поточно, Русија би се согласила да ги повлече своите трупи од источна Украина и да се демобилизира во близина на границата со Украина; а НАТО ќе предвиди проширување во Украина, под услов Русија да го почитува суверенитетот на Украина и Украина да ги почитува руските безбедносни интереси. Ваков договор е можен бидејќи е во интерес на двете страни.
Оние, пак, што се залагаат за членство на Украина во НАТО, сметаат дека еден ваков договор е наивен. Тие посочуваат дека Русија веќе ја нападна Украина и го анектира Крим во 2014 година, а дека сегашната криза настана затоа што Русија натрупала повеќе од 100.000 војници на границата со Украина, заканувајќи се со нова инвазија. Со тоа, Кремљ ги прекрши условите од Меморандумот од Будимпешта од 1994 година во кој Русија вети дека ќе ги почитува независноста и суверенитетот на Украина (вклучувајќи го и Крим) а во замена за тоа Украина да ги предаде огромните резерви на нуклеарно оружје што ги наследи по распадот на Советскиот Сојуз.
Сепак, можно е Русија да прифати и да почитува неутрална Украина. Понуда во која Украина би го добила ваквкиот статус никогаш не бил ставен на маса. Во 2008 година, Соединетите Држави предложија Украина (и Грузија) да бидат поканети да се приклучат на НАТО, и оттогаш па досега овој предлог е нешто што постојано беше присутно во регионот. Гледајќи на потегот на САД како провокација за Русија, владите на Франција, Германија и многу други европски земји ја спречија Алијансата да упати итна покана до Украина; но во заедничка изјава со Украина, лидерите на НАТО јасно ставија до знаење дека таа „ќе стане членка на НАТО“.
Од перспектива на Кремљ, присуството на НАТО во Украина би претставувало директна закана за безбедноста на Русија. Голем дел од советската држава беше предвидена така да создаде географска тампон зона помеѓу Русија и западните сили. По распадот на Советскиот Сојуз, Русија жестоко се противеше на проширувањето на НАТО во земјите од поранешниот советски блок. Да, точно е дека резонирањето на Путин значи продолжување на начинот на размислување од времето на Студената војна; но тој начин на размислување е нешто што постои кај двете страни.
Студената војна се карактеризираше со серија локални и регионални тнр. „прокси“ војни за да се утврди дали САД или Советскиот Сојуз ќе воспостават режими на власт кои се поволни за нив. Додека во целиот свет се менуваше бојното поле (од Југоисточна и Централна Азија до Африка, западната хемисфера и Блискиот Исток) постојана константа беа крвавите судири.
Но, во периодот по 1992 година, повеќето од војните чија цел беше промена на режимот беа предводени или поддржани од САД, кои почнаа да се гледаат себеси како единствена суперсила по распадот на Советскиот Сојуз. Силите на НАТО ја бомбардираа Босна во 1995 година и Белград во 1999 година, го нападнаа Авганистан во 2001 година и ја бомбардираа Либија во 2011 година. САД го нападнаа Ирак во 2003 година; а во 2014 година, тие отворено ги поддржаа украинските протести со кои беше соборен прорускиот претседател на земјата, Виктор Јанукович.
Се разбира, Русија, исто така, продолжи со операции за промена на режими на власт. Во 2004 година, таа се вмеша во Украина за да му помогне на Јанукович преку заплашување на гласачите и со изборни измами. Овие активности на крајот беа блокирани од институциите на Украина и со масовни протести. Русија, исто така, продолжува да наметнува или поддржува режими кои ѝ се наклонети во својата блиска периферија, неодамна во Казахстан и Белорусија (која сега е целосно во рацете на Путин).
Но, меѓусебното непријателство и недоверба меѓу Русија и Западот има потекло кое датира од одамна. Во текот на својата историја, Русија стравуваше и вистински беше предмет на инвазии од Западот, додека Европејците се плашеа и беа предмет на повторените експанзионистички напори на Русија од истокот. Сето ова беше една долга, тажна и крвава приказна.
Со државничко однесување на двете страни, ова историско непријателство можеше да стивне по распадот на Советскиот Сојуз. Тоа беше можно во првата половина на 1990-тите, но ваквата можност беше пропуштена. Тука улога играше почетокот на проширувањето на НАТО. Во 1998 година, Џорџ Ф. Кинан, долгогодишниот дипломат и историчар на американско-советските односи, беше претпазлив и песимист. „Мислам дека [проширувањето на НАТО] е почеток на нова Студена војна“, кажа тој. „Мислам дека Русите постепено ќе реагираат мошне негативно и дека тоа ќе влијае на нивната политика. Исто така мислам дека тоа е трагична грешка“. Вилијам Пери, секретар за одбрана на САД во периодот од 1994 до 1997 година, се согласи, па дури и размислуваше да поднесе оставка од администрацијата на претседателот Бил Клинтон поради ова прашање.
Ниту една страна не може во овој момент да тврди дека нема своја вина во она што се случува. Наместо да се обидуваме да се преправаме дека едната страна е светица, а другата грешница, секој треба да биде фокусиран на тоа што ќе биде потребно за да се постигне безбедност и за двете страни и за светот во целина. Историјата ни укажува дека е најдобро руските и НАТО силите да се држат географски одвоени, наместо да се конфронтираат директно преку граница. Европската и глобалната несигурност го достигнаа своето највисоко ниво кога американските и советските сили се соочија едни со други на краток дострел – во Берлин во 1961 година и во Куба во 1962 година. Во тие ужасни околности кои беа опасни за светскиот мир, изградбата на Берлинскиот ѕид послужи како стабилизатор, иако мошне трагичен стабилизатор.
Денес, нашата најголема грижа треба да биде суверенитетот и мирот на Украина во Европа и светот, а не присуството на НАТО во Украина и секако не градење на нов ѕид. Самата Украина би била многу побезбедна доколку НАТО го запре ширењето на исток во замена за повлекување на Русија од источна Украина и демобилизација на силите долж границата со Украина. Дипломатијата по овие линии, поддржана со учеството на ЕУ и Обединетите нации, е нешто што е итно потребно.