Како Македонија да стане поотпорна кон хибридните закани? – Христијан Илиевски

Сподели

 

Најплодна почва за хибридните закани се демократиите во развој, и оние држави каде што политичките поделби се очигледни, пишува Христијан Илиевски за Республика

Сè почесто во политичко-безбедносниот контекст, и на национално и на меѓународно ниво, слушаме изрази како „хибридна војна“, „закани“, „опасност“, но ретко навлегуваме во суштината на тематиката и значењето на терминологијата.

Станува збор за неконвенционални закани кои се продуцирани со цел да поткопаат или наштетат на нечиј углед и статус, независно од тоа дали станува збор за индивидуа, колектив, институција, држава итн.. Бројни примери за хибридни операции се хакерските напади, дезинформациите, лажните вести (посебно на социјалните мрежи). Она што ги прави опасни е фактот што тие најчесто се производ на одредени центри кои физички не се наоѓаат на територијата која им е таргетирана за напад, а со самото тоа се многу потешки за превенирање.

Пред сè, за да има ваков вид на закани, потребно е да има и причина за нив. Имено, најплодна почва и терен за остварување на ваквите цели е кога во одредено општество, пред се во земјите од демократскиот свет, на политичката маса има одредено политичко прашање кое е од круцијално значење за таа држава и кое неминовно создава поларизација кај населението.

Во таков случај, центрите на моќ кои имаат бенефит од дестабилизирање на демократските држави, се обидуваат на најбескруполозен начин, преку фејк-њуз, дезинформации и полу-вистини да придонесат кон ерозија на довербата на граѓаните во институциите, а со тоа да ја намалат и нивната отпорност и моќ.

Пример за жешки теми можат да бидат мигрантската криза, испраќањето на оружје во Украина, проблемот со снабдувањето со гас, порастот на цената на нафтата и други слични теми предизвикани од руската инвазија на Украина.

Македонија – помеѓу тешки политички процеси и хибридни напади

Во изминатите години се случија драматични промени на македонската политичка сцена, како: Потпишување на договори со Грција и Бугарија, референдум за Преспанскиот договор, вето на европскиот пат прво од Франција па потоа од Бугарија, членство во НАТО, организирање Попис на населението.

За држава која сепак е млада демократија, овие процеси можат да бидат навистина макотрпни и да создадат голема поларизација на партиска, етничка или религиозна основа, што претставува плодна почва за дестабилизирање на државата и рушење на довербата во институциите. Впрочем, да се потсетиме дека изминативе 2-3 години имавме низа хакерски напади кои имаа за цел да пенетрираат во институциите со што се допринесе довербата на граѓаните кон истите, да еродира.

Такви примери беа обидите за хакерски напад на Народна банкахакерските напади на Министерствата за образование и здравство, како и падот на сајтот на Државната изборна комисија за време на парламентарните избори одржани на 15.07.2020 со што се фрли сомнеж и на изборните резултати.

Ветото од Бугарија – масло на Русија?

Ветото од соседна Бугарија веќе почнува да се влече неколку години, а прашањето за евро-интеграцијата на Македонија сè уште лебди во воздух. Земајќи ја предвид изјавата на Жозеф Борел овде во Скопје каде тој веќе и не зборува за конкретен датум за преговори туку само за добра волја, логично е да очекуваме зголемување на евро-скептицизмот и пад на довербата кон Европската Унија.

Поддршката за членство во Унијата во последниве десетина години бележи пад, од 92% поддршка во 2011, на нешто под 70% во 2022 година. Гледајќи ги овие бројки, силите кои се противат на приклучувањето на Македонија кон Европската унија, несомнено ќе го искористат незадоволството на населението и анемичноста на Унијата во своја полза, со цел остварување влијание во политички рамки.

Конкретен пример за ова може да земеме од соседна Бугарија каде премиерот Петков ја начна темата за мешањето на Руската Федерација во дестабилизација на односите на релација Скопје – Софија преку нивни шпиуни и разузнавачи кои работеле во Агенцијата за безбедност на Бугарија и имале за цел да го блокираат проширувањето на ЕУ на овие простори.

Стратегијата на Руската Федерација би била да нема евро-перспектива за регионот, а со тоа граѓаните да се определат за неутралност или про-руски политички структури кои би воделе политика која е блиска до Кремљ. Во Македонија, партијата Левица, иако е декларирана про-ЕУ партија, се залага за добри односи со Руската Федерација и е директен опонент на НАТО.

Секое нејзино зголемување на рејтингот би можело да го отежни процесот на формирање на било која идна влада со оглед на фактот дека ниту една партија не може сама да состави мнозинство, ако ги гледаме бројките од последните избори.

Пописот на населението – статистичка операција или тема за раздор?

Уште една тема која предизвикува многу реакции во јавноста е Пописот на населението, поточно кажано, резултатите од него. Крупните политички сили, како што се ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА, повикаа на попишување на населението, меѓутоа добар дел од граѓаните одлучија да го бојкотираат процесот со што се фрла една дамка на истиот.

 

Извор: freepik.com

Имено, 7.2% од населението не сакаше да се изјасни, најверојатно поттикнати од кампањата „Не отворам врата” која беше спроведена пред започнувањето, и за време на пописот, а предводена од партијата Левица. Кампањата имаше за цел да им долови на граѓаните дека, како што тие велат, бројките се однапред „наштелувани“ и дека неучеството во пописот е единствен одбранбен механизам, што подоцна се воспостаави како погубно.

Но, со оглед на фактот дека во Македонија во минатото сме биле сведоци на етнички тензии, не треба да се исклучи веројатноста и резултатите од пописот, односно процентите на етникумите, да бидат злоупотребени во политички цели, со цел билдање на сопствениот рејтинг врз база на национализам. Сепак, ако погледнеме реално, посебно по последните локални избори каде имавме коалиции помеѓу ВМРО-ДПМНЕ – Алијанса за Албанците и Алтернатива од една страна и СДСМ – ДУИ од другата страна, навистина се мали шансите за некои подраматични потреси, бидејќи блоковите во политичкиот систем на државата веќе почнуваат да се делат на идеолошка основа, а не на етничка.

Како и да е, може да се очекува зголемено ниво на говор на омраза на социјалните мрежи од луѓе кои не се согласуваат со бројките од пописот, а тие гласачи да се канализираат кај оние кои беа против Пописот.

Фактот дека од година во година Македонија паѓа на сите светски ранг-листи по однос на квалитетот на образованието е доволен показател за неподготвеноста на македонските образовни установи да изградат идни генерации кои ќе бидат отпорни на дезинформации, истражувачки настроени и медиумски писмени. Црвениот аларм требаше одамна да светне со цел имплементирање коренити образовни реформи, но за жал од нашето искуство може да видиме дека најчесто се носат ад-хок решенија кои се неодржливи на долг рок.

Огромен е бројот на граѓани кои можат лесно да бидат измамени од атрактивни наслови, без да ја прочитаат целата содржина на напишаното, граѓани кои веруваат во теории на заговор. Интересот за следење на политичките случувања е навистина мал што е дополнителен проблем бидејќи граѓаните прават перцепција за одреден политичар, јавна личност, партија, без да навлезат во суштината и вистината.

Повеќе од половина млади немаат интерес да следат што се случува на политички план, сакаат трајно да ја напуштат државата, и често не излегуваат на избори, што е исто така загрижувачки податок и слаба точка за нашата демократија, стратешко планирање, економија и сл.

Како до искоренување на хибридните опасности

Македонија, како НАТО членка има обврска да ги подготви институтциите и да ја зголеми отпорноста на хибридните закани, па за таа цел беше и донесена Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани минатата година. Соработката со НАТО во секторот безбедност е еден од клучните чекори кои се преземаат по однос на оваа проблематика, а од голема помош е и фактот што Алијансата има најсовремен безбедносен систем во светот, па Македонија со нејзиното членство во истата, има директен бенефит.

Македонија, се разбира, не е единствената земја засегната од оваа проблематика. Хибридните закани се опасност не само за кревки демократии како оние од Балканот, туку и за најмоќните земји во свeтот, како на пример САД, каде за време на изборите во 2016 имаше голем број обвинувања за лажни вести, дезинформации и хакерски напади во корист на тогаш кандидатот за Претседател на САД, а потоа и Претседател- Донад Трамп. Oва е јасен показател дека оваа борба не е само борба на една држава против вакви феномени, туку дека проблемот е глобален и потребно е заедничко дејствување.

Дополнително, насушно се потребни коренити реформи во образованието преку кои идните генерации ќе научат да распознаваат што е вистина, а што не. Медиумската писменост треба да биде на пиедесталот на реформи, заедно со финансиската писменост, менталното здравје и други теми кои воопшто не се опфатени во сегашниот образовен модел.

Што се однесува до медиумите, тие би можеле да стимулираат и да иницираат кампања на оваа тематика, каде освен новинарите, ќе бидат вклучени и претставници од Владата, опозицијата, граѓанскиот сектор, образовните институции и други релевантни чинители со цел отворање дебата, и поттикнување на граѓаните да прават проверка на информациите кои им се сервираат.

Неизбежно е дека хибридните закани ќе зачестуваат во наредните децении, имајќи предвид дека се полесни за остварување во споредба со традиционалните војни, поефикасни се и тешко се превенираат. Она што нам ни е потребно е зголемување на ефикасноста и квалитетот на нашите институции преку професионализација на кадрите, базирана на меритократија, а не партитократија. Ни треба образование кое ќе ги оспособува граѓаните за критичко размислување.

Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучна за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не раздор.