Бараките на Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје во вчерашниот пожар изгореа до темел. Заедно со причината за пожарот, клучното прашање што треба да се одговори е: каква документација изгоре во седиштето на институцијата што беше одговорна за пост-земјотресната обнова на Скопје.
Веднаш по земјотресот, Заводот за урбанизам и архитектура е организатор и носител на работата за изработка на Мастер планот за Градот Скопје, Деталниот урбанистички план за центарот на Скопје, но и регионалната планска документација за Скопскиот регион.
Противпожарните екипи не излегоа со детални информации за тоа што е уништено во пожарот, ниту пак објаснија како истиот настанал. Урбанистката Леонора Грчева во изјава за „Фокус“ тврди дека најголемата колекција и материјална меморија за пост-земјотресната обнова на Скопје е во сопственост на Заводот за урбанизам и архитектура. „Ова значи дека во просториите на ЗУАС сè уште се наоѓаа(т) оригиналните модели за централно Скопје од Танге, конкурсните материјали, архивите и студиите поврзани со генералниот план за градот, купишта оригинални цртежи и скици“ посочува таа.
Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје во моментов се наоѓа во стечај, а неговите бараки веќе неколку години наназад се напуштени. Објектот е исклучен од електричната и водоводната мрежа.