Професорката Тања Каракамишева – Јовановска е доктор по правни науки, исто и како и шефот на државата Ѓорѓе Иванов, поранешниот прв парламентарец Саво Климовски, правниот експерт Александар Климовски и неколкумина други професори, познати во јавноста како поддржувачи и бранители на режимот на Никола Груевски. Со својот научен авторитет сите тие настојуваат да докажат дека постојната политичката криза во Македонија наводно е вештачки создадена од страна на надворешни странски фактори, со цел да се собори актуелната власт и на нејзино место да се воспостави некаков вазалски режим од опозициските партии. Во тој контекст се става и формирањето на СЈО, кое што според нив нема уставни основи и дека негова основна задача била, со исконструирани и лажни обвиненија да се дискредитираат водечките личности од владејачката партија, за да се издејствува изборна победа на нивните политички опоненти.
Неспорно е дека луѓето од научната фела, како и секој друг граѓанин, имаат право на свој политички избор и на своја партиска припадност, што значи да се борат за одредена политичка опција, било како независни експерти или како ангажирани партиски симпатизери во структурите на власта. Но, дали тој ангажман треба да биде пресуден во нивното научно толкување и примена на правото и законите, односно да се раководат исклучиво од потребата да се одбрани и заштити одреден партиски интерес, дури и кога тој е криминално мотивиран.
Поради тоа македонската јавност годинава беше сведок на низа апсурдни ситуации кога од политички причини, кршењето на законите, изборните измами и насилства, корупцијата или државниот грабеж се претставуваа како законски и легални дејствија, а торпедирањето на Уставот (аболицијата на Иванов, неколку одлуки на Уставниот суд, изгласувањето на одделни закони во парламентот) се оправдуваа со некакви наводни државни и национални интереси. И за сите тие небулозни образложенија во одбрана на незаконитоста и криминалот, стоеја личности и научни титули на кои што правото треба да им претставува светост.
Да ја проследиме, во тој контекст, последната колумна на професорката Каракамишева во “Дневник”, во која што таа по кој знае кој пат, ја оспорува надлежноста на Специјалното обвинителство, прогласувајќи го за неуставна политичка творба создадена од странски фактори, со задача да и помогне на опозицијата да дојде на власт. Во тој правец, наведува таа, постои разработен план во периодот до изборите да отпочне “ловот на ВМРО-вските вештерки” при што СЈО и “неговите клучни магионичарки” (се мисли на обвинителките од тимот на Катица Јанева) ќе настојуваат “од правно неиздржани материјали, со помош на трикови да направат докази, а од таквите наводни докази” (“рекла-казала телефонски разговори”) да направат политички сензационализми.
Интересно е дека Каракамишева, како и другите критичари на СЈО, до сега со ниту еден збор не спомнале дека тоа обвинителство, меѓудругото, е формирано со одобрување и личен потпис на нивниот лидер Груевски и дека законски беше изгласан од македонскиот парламент, каде што мнозинството пратеници се од редовите на ВМРО ДПМНЕ. И значи ли тоа дека бившиот премиер и неговата партија се директни соучесници во донесувањето на еден противуставен закон, диктиран, како што велат од странски сили. Зошто тогаш се обвинува опозицијата, а не се бара политичка одговорност и од пратениците од владејачката партија што изгласале таков закон?
Што се однесува пак, до “рекла-казала телефонските разговори што не докажуваат ама баш ништо”, како професор по право, Каракамишева добро знае дека тие се само индикатор за можни сторени кривични дела кои што СЈО е обврзан да ги истражи и доколку постојат доволно цврсти докази, да ги процесуира во обвинение по кое што подоцна ќе се произнесува судот. Но, очигледно, нејзе и е повеќе од јасно дека работите не се толку наивни и безгрижни, како што сака да ги претстави па, пред СЈО да ги соопшти своите конечни наоди, таа веќе ги прогласува ”правно неиздржани материјали!”
Од друга страна, ако навистина смета дека се работи само за “рекла-казала муабети”, тогаш што е причината за нејзините панични реакции во докажувањето на нивната правна неодржливост? На пример, телефонскиот разговор во кој што Груевски издава наредби насилно да се влезе во општината Центар и да “му се врзат неколку жестоки шлаканици” на градоначалникот Жерновски, би можел да се третира како таков муабет, кога би се завршило само на тоа. Меѓутоа, постојат голем број докази дека по таа наредба беше извршен насилен упад во општината, при што пред очите на полицијата беа демолирани општинските простории, а градоначалникот Жерновски едвај извлече жива глава. Според тоа, должност е на СЈО да ги провери и утврди фактите на тие настани и да постапи според законите на оваа држава.
Исто така, снимениот разговор на Груевски за плацевите на Водно ќе можеа да се сметаат за “рекла-казала муабет”, доколку сето тоа не беше проследено со итни измени во урбанистичкиот план, со конкретен купопродажен договор, со градежни интервенции на самиот терен наложени од бившиот премиер. Ништо поинакви не се и разговорите на Сашо Мијалков за израелските провизии, на Гордана Јанкуловска за уништување на опремата за прислушкување, на Миле Јанакиевски за црните вреќи со гласачки ливчиња, како и на многу други функционери од власта, замешани во разни криминални активности. Впрочем, да беа сите тие уверени во својата невиност, ќе немаше никаква причина за нивните стравувања да се појават пред јавните обвинителки, уште помалку да водат беспоштедна битка за укинување на СЈО или блокирање на неговата работа. Самиот тој факт доволно јасно укажува дека нивните “рекла казала муабети”, содржат повеќе од сомнителни истражни индиции, бидејќи зад нив стојат и конкретни незаконски активности кои што по својот карактер спаѓаат во најтешките кривични дела.
Професорката Каракамишева го знае тоа подобро од сите други и затоа зачудува леснотијата со која што таа се откажува од своите научни принципи и основните вредности на правниот систем!