Клинтон прогласи победа, Обама ѝ честиташe

Сподели

Hilari-Klinton

Хилари Клинтон се прогласи за прва жена кандидат за претседател на САД, а претседателот Барак Обама ѝ честиташе на номинацијата.

Клинтон на митингот во Њујорк им се заблагодари на сите што гласаа за неа и ѝ помогнаа да дојде до историскиот момент.

– Ви благодарам, дојдовме до клучната работа. Првпат во историјата на нашата нација една жена ќе биде кандидат за претседател – рече Клинтон.

Таа претходно победи во Њу Џерси, со што ја зацврсти својата кандидатура.

Нејзиниот противкандидат Берни Сандерс одби да го признае поразот и вети дека ќе остане во трката иако Клинтон го освои доволниот број делегати за номинација.

– Јас сум прилично добар во математика. Знам дека борбата пред нас е многу, многу тешка, но ќе продолжиме да се бориме за секој глас и за секој делегат – рече Сандерс.

Официјалниот кандидат треба да биде соопштен на конвенцијата на Демократската партија, која ќе се одржи следниот месец во Филаделфија.

Белата Куќа соопшти дека Обама ѝ се јавил на Клинтон за да ѝ го честита освојувањето на неопходниот број делегати за номинација. Обама му се јавил и на Сандерс, со кого ќе се сретне утре.

Претседателските избори ќе се одржат на 8 ноември.

http://meta.mk/klinton-proglasi-pobeda-obama-chestitashe/