Кој го убива МАНУ?! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Кога САHУ во Србија ја измешаа во дневната политика, настана крвава војна и распад на Југославија. За жал, паметот сеуште ни се движи во спротивна насока на логиката. Некој од дневнополитички цели сака да создаде „опасна коалиција“ каде што главниот збор ќе го има ѓаволот!

Мерсел Биљали

Структури со големи имиња, водени од голема имагинација ќе решаваат големи проблеми. Невиден аматеризам и неодговорност е да се здружат МАНУ, Православна црква и УКИМ за да донесат некој политички памфлет во полза на една политичка опција! Имагинацијата ќе ве однесе таму кај што мечтате, ама само логиката ќе ве однесе таму кај што треба! И политички аматери, добро знаат дека во нашиве објективни околности, имагинацијата е лош сојузник. Државата може да ни излета надвор од географската карта. Оти лекот на МАНУ е поопасен од болеста на државата!

Имаме ли толку слепи научници и црковни великодостојници кои коалицирајќи за рајот, ќе ни го донесат пеколот. И со добра намера, многу лесно е државата да ја турнете во кањон. Потоа ќе се запрашаме – АКадеМиЕ умот!? Оти во политиката често пати можете да почнете како ловец, ама можете да завршите како плен!

Академиите во светот служат за демократска и развојна авангарда, за демократија и толеранција, а не дувло на опасен национализам. Црквите низ светот во голема мера биле на страната на толеранцијата, мирот, меѓусебното разбирање, а никако во служба на поттикнување омраза и раздор. Но, понекогаш и тие наместо во служба на Господа, завршија во служба на ѓаволот!

Претседателот на МАНУ, почитуваниот академик Коцарев, ги изнесе неговите ставови и аргументи во емисијата „Трилинг“ и некои други медиуми. Кажа дека главното зло за државата, се има случено посебно последниве пет години! Ме зачуди како ја заборави длабоката и заробената држава во стиропор, која владееше со огромен криминал!? Дека ЕУ не ни е единствената алтернатива, оти тука ни е и „Брикс“, „Појас и пат“, каде што главната улога ја имаат Русија и Кина! Замислете, тоа не го вели и една Србија, во чија преговарачка рамка со ЕУ стои дека на крајот ќе треба да ја признаат косовската реалност, не го вели тоа. Напротив, со одлучни чекори брза кон Брисел. Вучиќ јавно и нас не замоли возот да го поставиме на шините кон Брисел!

Академикот Коцарев исто така кажа дека „Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија се недостоинствени за граѓаните на Македонија, оти како резултат на геополитичките игри на големите сили кои ова држава ја претвораат во поле на своевиден експеримент, Македонија станува “центар за регионална дестабилизација”. Ако кон ова се додадат и домашните политички превирања, тогаш бродот Македонија полека но сигурно тоне“. Дека „Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион, Македонија, за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот поредок“. А секој што знае букви, добро знае дека Македонија е создадена и сочувана токму од Западот (особено САД)! Да не беше така, таа одамна ќе беше поделена. Значи тој момент кога би се збогувала од САД, таа би останала без заштита, а веројатно и без себе.

Почитуваниот академик, не видов, дека некаде спомна дека тоа што назадуваме во регионот, а сите околни држави не претекнаа, е поради нас самите што за секоја нормална реформа и промена до небо врескавме што лошотија не снашла! И така загубивме многу години и декади! И еве пак продолжуваме да врескаме! Па кој прима во друштво некој што стално вреска, перманентно се жали, секогаш нешто му пречи! Оти тогаш ние за секое нешто ќе блокиравме со вета!

Потоа од академикот беше кажано дека околните држави што се во ЕУ, постигнаа мал, речиси незначителен напредок! Епа сите компаративни податоци покажуваат дека не е така. Бугарија беше 30 години зад нас, а сега е 10 години пред нас. Кој е виновен за таква огромна разлика, освен ние самите што цело време си плачеме, викаме, кукаме, пцуеме. Ние можеме да пропаднеме само поради себеси. Главните непријатели на државата и на идните генерации сме ние самите. Тешко дека некој ќе ви ја чува куќата од самите вас како сопственици! Поради погрешните политики, поради сатанизирање на исправното, поради хистеријата кон нормалното, а сега и поради посетите кај Орбан или Груевски, државата може да се доведе до колапс.

Научниците и академиците не треба да поставуваат прашања, туку да дадат одговори. Многу е лесно да ги заведете луѓето со фразите: „А зошто Бугарите не ги признаваат Македонците како малцинство во нивна територија“!? или Зошто тоа не го прави Грција?! Па, штом не се качивме во експресен воз, сега ќе се качиме на магаре. Нели, да бевме паметни, ние пред Бугарите ќе бевме членка на ЕУ. Тогаш проблемите ќе ги решававме како што ќе сакавме. А сега мора како што ќе можеме. Проблеми имаат сите држави, па и најсилните. Но, тие ги решаваат, не хистеризираат.

Пример – во Грција живееле голем број Албанци (Чами), кои низ времето буквално биле истерани или убиени од Грци. Имотот им бил одземен, и ден денес никому не е вратено ништо. Но, Албанија цело време продолжува да биде внимателна оти тоа може да ја чини скапо. Моментално во Грција работат околу 600 илјада албански граѓани, замислете таа да ги протера. А Грција секоја година, директно или преку меѓународни организации до небо ќе се вика за правата на грчкото малцинсто во Албанија (a таму живеат само околу 2% Грци)! Во Грција живеат и околу 200 илјади Турци, кои дури не се признати ниту како етничко малцинство, туку како верска групација, но Турција постапува внимателно. Исто е и со Бугарија, каде што живеат многу Турци. Познато е дека и апсурдот не е хендикеп во политиката. Утре кога ќе станете рамноправна членка, тогаш ќе можете да ги изнесете сите девијации. И да успеете во тоа. Поинаку, вечно ќе го чекаме Годо. Оти Господ ни подарил мозок, ама не и упатство за негова употреба!

А кај нас, ВМРО перманентно со солунски топ ја гаѓаше својата држава. Повеќе од 20 години култивираше екстремен национализам, територијални провокации, додека другата овдешна политичка опција беше зафатена со криминална приватизација. А глупавата вмровската магла правеше тоа да не се гледа! Загубивме две златни декади кога требаше да се гради сериозна држава. Потоа, пак си продолживме со кукање и хистерија, а никако да се разбере дека со гласачкото ливче не се кршат железните порти!

Свесен сум дека власта е таа која треба да понуди искрена соработка, дури и тогаш кога таа арогантно ќе биде одбиена. Тука треба многу што заедничко да се смени. Но, да се надевате дека со помош на Будимпешта ќе дојдете на власт, е исто како да се надевате дека врбата ќе ви роди грозје! Да отидете кај Орбан, кој веќе добил епитет „Нацист“, за да барате демократија е жива срамота. ВМРО наместо тензични екскурзии, требаше да понуди детална економска визија. Наместо евтин дневно-политики специјалитет изготвен од североисток, требаше да се науми нешто покорисно. Таков лош специјалитет не е ниту по вкусот на паметниот Вучиќ кој сега прави економски бум во Балканот. Но, тврдата глава продолжува по тврд ѕид, сакајќи да докаже дека е појака од ѕидот. И сега трча по референдум кој лесно може да му се претвори во референдум за негова смена.

Македонија нема објективи за да добие заштита и пријателство од Русија, не само поради што е мала, туку поради тоа што два нејзини соседи кои би ја голтнале, се многу поважни од неа. Тоа се Србија и Бугарија. Во тоа друштво Македонија може да е присутна само како испечено јагне на маса! Башка што во таа констелација, да и верувате на Москва, е исто како да верувате на волкот дека тој најдобро ќе ви ги чува овците.

Збор два за академиците Албанци!

Академиците Албанци, не можат да се амнестираат со изјави од типот дека не се согласуваат со таквите изјави или проекти. Тие, треба да престанат јавно да се спротиставуваат или критикуваат, додека комотно си седат внатре и примаат убав паушал. Повлекувањето, е најмалку што треба да направат пред да кажат нешто, за да им држи зборот тежина. Такви евтини популистички настапи видовме и кога беше печатена фамозната „Енциклопедија“. Па „појео вук магарца“!

МАНУ троши огромни пари, за симболични резултати. Таа не само што ја храни државата со празна лажичка, туку живее со евтин популизам. Нејзиниот статус треба да се смени. Во развиените земје такви структури веќе се демоде. Обично, постојат институции кои нудат можности со проекти, па никој не добива никаков паушал, туку заслужени пари од реализирани проекти. Да добиете над 1000 евра во оваа криза, плус, пензија или плата, плус хонорари, е ептен претерано. Затоа сериозно треба да се види како се работи низ нормалниот свет!?  Вака – „во име на науката до џебот на граѓаните“, таа институција се испостави дека претпочитува колонизаторски статус кон народот. И сега нашите академици земаат многу повисоки паушали од хрватските академици, а просечната плата таму е над 1000 евра. Но, вашата академија продолжува да лета без навигациски систем!