Консултативна средба за нацрт-законот за заштита на малцинствата во Албанија

Сподели

Министерството за надворешни работи на Албанија организираше консултативна средба, посветена на нацрт-законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија.

Покрај градоначалници на општини, на средбата присуствуваа и членовите на работната група која работи на нацрт-законот, претставници на канцеларијата на Советот на Европа во Тирана, на делегацијата на Европската Унија и на ОБСЕ.

Етничките Македонци во Албанија ги претставуваше Нико Китани, преставник на македонското малцинство во Државниот комитет за малцинства.

– На консултативен разговор, МНР ги повика градоначалниците, префектите, како и претставниците на малцинствата. Тема беше нацрт-законот, а се дискутираше околу тоа дали и колку досега општините се грижат за малцинствата, особено од аспект на културата и на културниот идентитет. Заклучено е општините да испратат предлози, но и забелешки, сè со цел законот да биде подобар и да ги задоволи очекувањата на граѓаните – вели Китани за „Мета“.

Македонците од Албанија, преку нивните асоцијации, бараат со новиот закон, во остварувањето на националните права, да бидат изедначени на целата територија во земјата, а не само во општина Пустец.

meta.mk