Ковачевски – Петков: Бугарија ќе го користи краткото име Северна Македонија

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за разговорите од нивната тет-а-тет средба како и од пленарниот состанок на двете делегации.

 

 

„Во двете земји има две нови влади. Со колегата Петков си дадовме збор дека ќе ја искористиме новата енергија и преку нов пристап базиран на взаемна почит да ги унапредиме односите меѓу двете земји. И јас и тој имаме иста заедничка цел – да создадеме услови за подобра иднина за граѓаните на Република Северна Македонија и Република Бугарија“, истакна премиерот Ковачевски на прес-конференцијата пред многубројните новинари од нашата земја, од Бугарија и од регионот.

Македонскиот и бугарскиот премиер, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, на заедничка прес-конференција информираа за конкретните резултати остварени од средбата денеска во Скопје. Тие се договорија дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име на државата Северна Македонија подеднакво како и долгото Република Северна Македонија.

Ова значи дека Бугарија нема веќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту еден меѓународен или билатерален процес и за тоа ги извести Обединетите Нации. Истовремено, Северна Македонија преку МНР испрати вербална нота до Обединетите Нации во врска со употребата на долгото и краткото име, во која изрично се потврдува дека двете имиња се еднакво валидни и дека земјава нема со употребата на краткото име никакви импликации, односно територијални претензии кон Бугарија.

Отстранувањето на ова прашање за мене претставува прв голем чекор, изјави премиерот Ковачевски и додаде дека следно е двете земји да го финализираат и Договорот за прекугранична соработка за периодот 2022-2029 година, а најзначаен проект од оваа област е отворањето на граничниот премин Клепало, со што ќе се олеснат движењата, транспортот и трговијата.

Ковачевски и Петков се согласиле веќе на 25 јануари да одржат и заедничка седница на двете влади, на која што двете земји ќе договорат и други конкретни чекори за унапредување на соработката меѓу двете земјои.

„Ќе се формираат работни групи коишто ќе работат на проекти на зајакнување на соработката и на воспоставување на поголема доверба. Овие групи ќе работат заедно и ќе предложат заеднички проекти и активности“, изјави македонскиот премиер Ковачевски.

Неговиот колега Кирил Петков се сложи дека денеска имале многу добар и пријателски разговор. Тој рече дека добрососедството е искачено на многу повисоко ниво и во иднина ќе се мери на реално постигнати стапки и резултати.

Бугарскиот премиер рече дека авионската линија меѓу Софија и Скопје ќе постане реалност. Ова произлегло од средбата меѓу министрите за транспорт на двете земји, коишто се ангажирале за 30 дена да ги имаат точните специфики за оваа авионска линија, а за 60 дена истата да биде ставена во функција.

Кирил Петков додаде дека кога ќе почнеме да работиме со точни резултати и кога ќе дадеме можност на луѓето слободно да патуваат и да прават бизнис, вклучително и Коридорот 8 да стане приоритет, сите ќе направиме многу.

Двајцата премиери се сложија дека средбите на работните групи ќе бидат еднаш неделно, односно секоја недела една од работните групи ќе се сретнуваат со јасни цели и резултати, за да се покаже дека добрососедството има практични резултати.

Ковачевски и Петков одговорија и на поставените новинарски прашања. Едно од нив беше и до Петков за македонскиот јазик и за барањето на земјата во иднина јазикот да не се означува со фуснота.

„Можам да кажам многу јасно е дека тоа денеска што го постигнавме, ние ги потврдивме позициите, но тоа што реално го направивме е прогрес за заедничката работа за следните месеци. Од тука натаму, тоа ќе биде новиот конструктивен дијалог, ставаме акцент на сите работи коишто се заеднички и кои имаат можности за збогатување на нашите односи и заедно со нив, самите групи ќе стават акцент на специфичните прашања кои ќе треба да ги решиме. Но, во целина, можам да ве уверам дека јас сум голем оптимист за нашите заеднички активности и верувам дека резултатите кои ќе ги видите ќе доаѓаат секоја недела“, изјави бугарскиот премиер Петков.

На прашањето до Ковачевски за тоа дали македонската страна е подготвена да ги исполни условите на Бугарија за преговорите со ЕУ на Северна Македонија да се водат на официјалните јазици на земјите без да бидат споменати тие, како и за да се обнови работата на историската комисија за да се дојде до реален резултат, Ковачевски рече дека со Петков се договориле да формираат работни групи коишто ќе бидат од повеќе области.

Станува збор за работни групи коишто ќе работат на инфраструктурата, трговијата, иновациите, економијата и деловната соработка, образованието и културата и евроинтеграциите, но исто така тука спаѓа комисијата за историски прашања.

Според Ковачевски тие веќе имаат свој план за работа и врз основа на она што го имаат сработено и што го имаат како план за работа, тие ќе треба самите да информираат за тоа што е договорено и начинот на којшто тоа е договорено врз основа на методологијата на која што работат.

„Ние сме држава што е признаена од страна на Република Бугарија и која што во своето уставно уредување го има македонскиот јазик, ние веќе имаме потпишано билатерални договори со Бугарија во коишто се регулира начинот на којшто се потпишани тие договори, согласно официјалните јазици на државите. Нашиот македонски јазик е дел од Повелбата на Обединетите Нации и од другите мултилатерални институции и организации во коишто членуваме“, изјави Ковачевски како одговор на прашањето.

Сепак, премиерот Ковачевски дополни дека сите овие прашања за историските делови се надева дека ќе бидат во втор план, а во прв план ќе дојдат оние прашања коишто ќе бидат за овозможување на добри односи меѓу граѓаните и засилување на соработката меѓу двете земји.

Во однос на менувањето на составот на постојната историска комисија, Ковачевски речед дека со Петков денес доминантно разговарале за воспоставување на работни групи и сметаат дека тие работни групи значат многу повеќе од историјата.

Македонскиот премиер наведе и практични примери, како што е поинтензивна размена на студенти, средби на претставници меѓу одредени индустрии на директно ниво со свои партнери, но и да се зголеми меѓусебната економска размена меѓу двете соседни земји.

„Сето ова се области за коишто планираме да има динамика, која што ќе биде дури и на седумдневно ниво“, рече Ковачевски, кој дополни дека работните групи треба самите да ја информираат јавноста.

Тој дополни дека историчарите работат на еден подолг процес, врз основа на методологија и дефинирање на одредени факти коишто ги имаат регулирано.

„Јас лично се надевам дека прво, членовите на историската комисија ќе информираат заеднички за тоа што е договорено и дека тоа што заеднички е договорено ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото“, изјави Ковачевски.

Петков дополни дека за разлика од досегашниот начин, овие средби секоја недела со реалните можности на сите работни групи, вклучително и на историската комисија, ќе обрнеме внимание на работите кои ги зближуваат двете земји, а на неразјаснетите прашања ќе им дадеме подолг рок за тоа да се најде решение.

„Бугарија го почитува и сме многу горди што сме прва земја што ја призна независноста на Северна Македонија. Истовремено, апсолутно го почитуваме самоопределувањето на сите граѓани, како и користењето на сите ваши јазици како што се во Уставот. Имаме полно почитување за тоа и ќе продолжиме да ги третираме во најконструктивен дух“, изјави бугарскиот премиер.

Историската комисија ќе биде една од петте комисии, рече Петков, тие ќе бидат во многу различна средина, во средина на конструктивен дијалог. Мислам дека двете страни решивме дека добрососедството ќе има поинаква средина, појасни Петков.