Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во интервју за ТВ „Сител“ истакна дека парламентот мора да работи, а сите пратеници треба да бидат на висина на својата задача.
„Едно е да дадете ваше решение и да предложите подобро решение и да дискутирате, но сосема друго е да бојкотирате и тоа да блокирате нешто 20 месеци и да не се става на дневен ред. Тоа е класичен бојкот на Собранието, односно на одредени законски решенија. Особено за клучни системски закони кога се организираат јавни расправи и на кои треба да бидат присутни пратениците од сите политички партии, како што се застапени во секоја комисија, експертската јавност коишто ќе можат да дадат свој придонес“, нагласи премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека имаме демократски систем во државата кој што е изграден врвно со 45% усогласеност со законодавството од ЕУ и дека Северна Македонија во изминатите 5 години напредува и тоа со големи чекори кон развојот на демократијата, развојот на правата на граѓаните, развојот на слободата на медиумите и особено развојот на транспарентноста и инклузивноста во донесувањето одлуки.
„Пратениците од опозицијата слободно дискутираат и врз основа на тие дискусии, доколку тие се издржани, нормално, она што е кажано да биде прифатено. Собранието треба да биде место кое што ќе биде дом на демократијата, а не место за блокади, бојкот, како што беше во минатото, кога истата таа опозиција којашто тогаш беше власт го користеше за насилство“, потенцираше премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека пратениците треба да бидат на ниво на својата задача, затоа што пратениците се избрани од народот, тие претставуваат таму граѓани, не претставуваат политички партии.
„Тие се делегирани од политичките партии меѓутоа мора да работат во интерес на граѓаните, на ист начин како што Владата работи во интерес на граѓаните и носи секојдневно мерки и законски решенија коишто се во насока на справување со оваа историски најголема криза после Втората светска војна со која што се соочува Европа“, нагласи Ковачевски.