Кривичен суд го прифати обвинението против Жан Митрев

Сподели

 

Основниот кривичен суд – Скопје во целост го одобри обвинението против лекарот Жан Митрев и неговата клиника, кои се товарат за измама на пациентите за вкупен износ од 97.461.600 денари.
 
 

Советот за оценка на обвинителен акт, постапувајќи во оценка на обвинението против едно физичко лице и Приватна здравствена установа, а поврзано со соопштението на ОЈО Скопје издадено на 23. јануари, ценејќи ги сите приложени факти и аргументи на странките донесе решение со кое актот го одобри во целост. По одобрениот обвинител акт, оформен е кривично правен предмет со К.бр. 349/23 кој, согласно АКМИС системот, е распределен кај судија на понатамошно постапување и насрочен е термин за главна расправа на 28.02.2023 година во 09:30 за што ќе бидат испратени покани до странките – се вели во соопштението на Основниот кривичен суд – Скопје.

По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје на 23. јануари до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно физичко лице и обвинителен предлог против правно лице кои се товарат за продолжено кривично дело измама од член 247 од Кривичниот законик.

– Во текот на постапката првично оформена по допрен глас, јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице, приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од ковид-19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари.

Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата – соопшти тогаш Обвинителството.