Ќурчиско – кожуварскиот занает во Македонија

Сподели

 

Во потрага по интересни факти и податоци кои би ви ги пренеле за ќурчиско– кожуварскиот занает, нашиот библиотечен фонт не носи до едно издание од етнолошкиот оддел на нашиот музеј “Ќурчиско– кожуварскиот занает и еснаф во Скопје” од Вера Кличкова, издаденo во 1959 година.
 
 
 
 
Ќурчиско– кожуварскиот занает бил еден од најстарите занаети во Скопје. За тоа ни говори постоењето на самиот Ќурчи-ан, монументален споменик од крајот на XVI век. Елементи за ваквото тврдење наоѓаме и во ќурчискиот тефтер во Скопје, каде што може да се следи развојот и опаѓањето на овој занает низ подолг период од 200 години.
 
Основната работа на ќурчиите била да изработуваат разни горни алишта коишто ги носеле во градовите, но и во селата. Сите изработки биле рачно правени. Ќурчиите најмногу изработувале ќуркови – горна облека изработена од кожа, налик капут од кожа, по кои и занаетот го добил името. Покрај ќуркови, изработувале и разни џубиња, елечиња, кусариња, селски кожуви и др.
 
 
 
 
Како основна суровина за изработка на своите производи, ќурчиите и кожуварите користеле кожата и тоа најчесто: јагнешка, овча, козја и кожа од дивеч. Алатките за работа биле доста примитивни. Процесот на изработка се извршувал рачно, почнувајќи од потопување на кожата, до готови производи со штавење, сушење, кроење и шиење. Штавењето на кожата почнувало на Велигден и траело до Митровден. Секој мајстор преку летото подготвувал производи, во зависност од својата стручност и умеење, и потоа ги пласирал своите производи на пазарот.
 
Во ќурчискиот занает постоела апсолутна доминација на мајсторите над калфите и чираците, како резултат на поседување на средствата за производство: алатот, работилницата, суровината, но и огромното стручно познавање на мајсторите на овој занает.
 
Според турските документи од 1833 и 1834 година, во Скопје се спомнуваат крзнарите: Трајко син на Гого, Јован син на Трајко, Пешо син на Стаменко, Бошко син на Аврам, Стефанче син на Димо, Јане син на Атанас, Јнкула син на Стамена, Атанас син на Стефан. Во 1847 година еснафот броел околу 145 мајстори, а по оваа дата почнува да се бележи опаѓање на работата во овој занает, за што се забележани историски, политички, но и стопански причини.
 
Музеј на Република Северна Македонија