Ликот на фудбалскиот тренер Илеш Шпиц

Сподели
 
 
Ликот на фудбалскиот тренер Илеш Шпиц македонската јавност повеќе го запозна преку филмот „Трето Полувреме“. Денес ќе ви претставиме писмо кое Шпиц го напишал и адресирал до Граѓански Спортски Клуб – Скопје.
 
 
 
 
 
Текстот ги содржи преговорите помеѓу Шпиц и клубот кои се во насока на неговото доаѓање од Хајдук Сплит во скопски Граѓански. Во првиот дел, тој кажува дека писмото испратено од страна на клубот до него, го добил многу подоцна и поради тоа неговиот одговор ќе биде задоцнет. Потоа констатира дека животот во Скопје бил поевтин отколку во Сплит, па поради тоа тој на клубот му нуди да добива плата од 2800 динари. Исто така, за секоја победа од првенствен натпревар да добива 400 динари, а за нерешен резултат 200 динари. Околу меѓународните и куп натпреварите премијата да изнесува 250 динари за победа, а 150 за нерешен резултат, додека пак за пријателски натпревар 200 динари за победа и 100 динари за нерешен резултат. На крајот изразува надеж дека клубот ќе биде задоволен од овај негов предлог и испраќа „спортски поздрав“, под кој стои неговиот потпис. Датумот на ова писмо е 28 јуни 1939 година.
 
Исходот од преговорите, денес ни е познат. Шпиц доаѓа во Скопје и го презема Граѓански, а подоцна станува тренер и на Македонија, клуб кој во текот на Втората светска војна успешно се натпреварува во бугарската фудбалска лига.
 
Во март 1943 година, Шпиц заедно со неговите сонародници Евреи бил депортиран кон Треблинка, но судбината го поштедила. По интервенција на бугарските окупациски власти, некаде пред Ниш, Шпиц бил симнат од возот избегнувајќи ја на тој начин сигурната смрт.
 
Тој останал во Скопје до 1946 година, кога заминал за Белград каде бил тренер на Партизан. Таму се задржал долг период, односно до 1960 година кога се вратил повторно во Скопје како тренер на ФК Вардар. Во сезоната 1960/1961 со Вардар го освоил националниот куп на Југославија. На 1 октомври 1961 година, на стадионот во Скопје, Вардар играл важен првенствен натпревар за опстанок со ОФК Београд. Вардар, на крајот, успеал да го добие тешкиот и „срцепарателен“ натпревар, но, срцето на Шпиц, за жал, не успеало да го издржи таквиот притисок. Додека играчите и навивачите на теренот ја славеле победата, долу во соблекувалната, на популарниот тренер, наеднаш, му се слошило и по кратко време починал.
 
Овој натпревар бил последната победа за фудбалскиот тренер Илеш Шпиц.