Македонија го елиминира европскиот шампион во фудбал!

Сподели

 

Со голот на Александар Трајковски во 92 минута Македонија ја победи Италија со 1:0 

 

 

Македонската фудбалска репрезентација се пласираше во големото финале од баражот за пласман на Светското првенство во Катар 2022 година, откако вчера со 1:0 славеше на гостувањето кај европскиот шампион Италија.

Херој на Македонија беше Александар Трајковски, кој го постигна победничкиот гол во 92.минута од натпреварот на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо.

 

Во финалниот бараж натпревар Македонија ќе се соочи со Португалија на гостински терен, откако оваа репрезентација вчеравечер ја победи Турција со 3-1.

Македонија го одигра натпреварот со стабилна и гранитна одбрана. Италијанците имаа 5 директни удари на голот, но Столе Димитриевски ги премисли азурите од помислата на погодок.

Тимот одлично го водеа капитенот Ристевски и искусниот Алиоски, иако сите репрезентативци беа дел од машинеријата која по рецептот на селекторот Милески го елиминираше европскиот шампион.

Македонската фудбалска репрезентација денеска ќе се врати во Скопје по победата над Италија во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство. Според првичниот план, делегацијата ќе слета на скопскиот аеродром околу 18:30 часот.

Се очекува навивачите да бидат присутни пред аеродромот и да ги поздрават македонските фудбалски херои.

 

 

Селекторот Благоја Милевски ќе ги искористи деновите од викендот за мини подготовки за финалето против Португалија, кое ќе се игра во вторник од 20:45 часот на стадионот „Драгао“ во Порто, а победникот ќе обезбеди настап на Мундијалот од 21 ноември до 18 декември во Катар.

Македонската репрезентација на дуелот против Португалија ќе биде посилна за Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, кои го пропуштија вчерашното полуфинале во Палермо поради жолти картони.