Законот за минерални суровини, поднесени од група пратеници кој е во собраниска процедура ќе доведе до блокирање на целата индустрија, но и огромни финансиски штети за државата.
Рудниците ќе се затворат со измените на Законот за минерални суровини, тврди рударската фела.
„Со примената само на овие два члена ќе дојде до потполно затворање на рудниците во Македонија од една страна, но бидејќи рудниците не работат сами за себе и не само рудниците користат опасни супстанци, условно кажано, тоа значи дека ние треба да ја затвориме целокупната индустрија во Македонија.“ – изјави Николајчо Николов, претседател на Македонска асоцијација за рударство.
Министерството за економија изјави дека предложените измени се строги и неприменливи и не треба да се донесат пред да се направи целосна анализа и консултации со стручни лица, во насока на тоа дали има и кои би биле алтернативните начини на екстракција на рудата, без примена на споменатите супстанци, и тие да се предвидат во Законот.
За во четврток на собраниската комисија за економски прашања е закажана јавна расправа на која се повикани сите засегнати страни да го кажат својот став за законот за минерални суровини.